„Во новата Влада на * Македонија Албанците ќе раководат со шест министерства и ќе имаат претседател на Собранието.“ – изјави Арбен Таравари од коалицијата Вреди во интервју за Радиотелевизија Косово. Ова го пренесе информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
ИНА пишува: „Верувам дека една од трите главни функции на државата – претседател на парламентот – ќе продолжи да ја врши Албанец и оти ќе имаме значителен број министри, особено таму каде што имаме експерти. Ќе ги поставиме ние, како партии од коалицијата Вреди. Верувам дека таму застапеноста ќе биде достоинствена, со стручни луѓе.“ – рече тој.
Таравари посочи дека конституирањето на Собранието ќе се случи на крајот на овој месец, а новата Влада се очекува да биде изгласана во првиот дел на јуни. „Конституирањето на Собранието е планирано да се случи некаде на крајот на овој мај. Кон крајот на следната недела ќе ги имаме и кадровските избори и владината програма. По конституирањето на Собранието претседателот на државата треба да му го даде мандатот на идниот мандатар. Во првата половина на јуни сигурно ќе ја имаме новата Влада.“ – изјави Таравари.
Според него, коалициските партнери се согласиле дека приоритет на новата Влада е патот кон Европската Унија, бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата, како и функционирањето на правната држава.





