Талибанците денеска извршија јавна егзекуција на маж осуден за убиство во северен Авганистан, трето погубување извршено во последните пет дена. Илјадници луѓе ја гледаа егзекуцијата на спортски стадион во Шеберган, главниот град на северната провинција Јавзјан, и покрај снежната бура.
Братот на убиениот, според очевидци, пет пати со пушка пукал во осуденикот. Обезбедувањето околу стадионот било силно, изјавил сведок кој сакал да остане анонимен, пишува АП.Ова e петто јавно погубување откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, кога американските и НАТО трупите се повлекоа од земјата. Талибанците, и покрај првичните ветувања за поумерено владеење, веднаш по доаѓањето на власт почнаа да спроведуваат строги јавни казни – егзекуции, камшикувања и каменувања.
Казните се слични на оние од нивното претходно владеење со Авганистан кон крајот на 1990-тите. Во соопштението се вели дека последната смртна казна била извршена откако била одобрена од трите највисоки судови во земјата и од врховниот водач на талибанците, Мула Хаибатула Ахунџада.
Егзекутираниот маж, идентификуван како Назар Мохамад од областа Билчераг во провинцијата Фаријаб, го убил Кал Мохамад, исто така од Фаријаб. Во четвртокот во југоисточната провинција Газни, талибанците организираа егзекуција на двајца мажи осудени за убиството.
Роднините на жртвите ги застрелале двајцата мажи, исто така на спортски стадион, додека илјадници луѓе гледале. Во текот на викендот, маж и жена осудени за прељуба биле камшикувани со по 35 удари со камшик во северната провинција Балк.
Други две лица во источната провинција Лагман добиле по 30 удари со камшик за наводно извршување неморални дејствија. Обединетите нации силно ги критикуваа талибанците за извршување на јавни егзекуции, камшикувања и каменувања и ги повикаа владетелите на земјата да престанат со таквите практики.





