Седат Сулејмани, член на Централното претседателство на Беса, од коалицијата Вреди, верува дека ДУИ нема да може да биде дел од власта во * Македонија во идните 20 години. Во интервју за весникот на албански јазик „Лајм“ Сулејмани нагласи дека во текот на овој период ДУИ ќе мора да научи да биде конструктивна опозиција. Инаку, Седат Сулејмани е предложен од коалицијата Вреди како нов заменик-министер за култура.
„Лајм“ ја цитира изјавата на Сулејмани, дадена во овој контекст: „ДУИ мора да се подготви за долготрајно опозиционерство. Во идните 20 години ДУИ нема да има повеќе можност да биде дел од позицијата, затоа што имаме доверба во нашата коалиција, им веруваме на нашите кадри. Знаеме како ќе постапиме и како ќе функционираме во идната влада. Затоа, граѓаните ќе бидат задоволни од нашата влада. Така што ДУИ ќе остане уште долго време во опозиција и ќе мора да научи да биде позитивна опозиција.“





