Судењето против 61 Македонец од Костурско на 15.12.1945, оти ги учеле децата на македонски – дел од грчките обиди да се уништи како јазик

Грчките власти на 15 декември 1945 година во костурското село Нестрам, во Егејска Македонија, изведоа пред суд 61 Македонец со обвинение дека своите деца ги учеле да читаат и да пишуваат на својот мајчин македонски јазик. По повод 79-тата годишнина од овој обид на грчката држава да ги уништи не само македонскиот јазик, туку и самиот македонски народ и неговиот национален македонски идентитет, пренесуваме дел од книгата на Донче Тасев со наслов „Македонците во Грција“, објавена во 2001 година, во која со безбројни факти и историографски податоци се опишани страдањата на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, денес во Грција, и сите напори за елиминирање на македонскиот јазик како столб на македонскиот идентитет и на македонскиот карактер на таа територија, одземена од Грција.



Мерките преземени од грчката држава за уништување на карактеристиките на македонскиот народ

Донче Тасе пишува: Со доаѓањето на грчките власти во егејскиот дел на Македонија веднаш беа затворени училиштата и црквите, кои дотогаш постоеја во регионот, а нивниот персонал беше отпуштен. Веднаш беа донесени грчки учители и свештеници и со тоа започна процесот на асимилација и „превоспитување во грчки дух“ на Македонците. Грчката држава реагирала и спрема македонските натписи на спомениците, црквите и гробовите. Во 1927 година бил донесен посебен декрет, врз основа на кој сите цркви биле педантно прегледани и прекрстени со грчки имиња, црковните натписи биле отстранети, а пронајдените црковни, или световни книги биле уништени.

Сепак, и покрај сите овие присилни мерки на асимилација спрема Македонците, како и колонизацијата со повеќе од 600 илјади луѓе, грчката власт својата цел за целосна етничка хомогенизација воопшто не ја постигнала. Така, и покрај сите мерки за потиснување на употребата на македонскиот јазик и уништување на македонската култура, во некои околии ефектот бил обратен. Во повеќе натписи во грчките весници било укажувано дека македонското население и покрај сите присилни мерки и забрани не го употребува грчкиот јазик. Според атинскиот „Берзански весник“ населението тврдело дека зборува македонски јазик, и со тоа тие ја правеле првата стапка кон автономија на Македонија, тврдел весникот. Уште повеќе, таквиот однос на Македонците придонесувал македонскиот јазик да се употребува и од грчките бегалци кои биле доселени во околии каде концентрацијата на Македонците била значителна.

Бидејќи оваа ситуација предизвикувала загриженост за „националната безбедност“ на државата, грчкиот печат повеќе пати повикувал на преземање мерки за колонизација на густо населените македонски области, иселување на Македонците во Бугарија и отварање ноќни училишта за изучување на грчкиот јазик од страна на оние, кои не го зборувале. Сето ова се случувало и се толерирало од страна на властите.

Разните повици по дневните весници и целата кампања против употребата на македонскиот јазик придонеле да се појават неколку грчки националистички организации, чија цел била да го заплашуваат и да го тероризираат македонското население, кое не го употребувало грчкиот јазик. Такви организации кои функционирале во овој период биле „Грчко-македонска тупаница“ и ЕЕЕ (Национално обединување на Грција).  Организацијата Грчко-македонска тупаница во 1926 година упатила предупредување до Македонците во еден циркулар, во кој строго ја забраниле употребата на „бугарското јазично наречје“, во јавниот и приватниот живот. Притоа повикот се однесувал за сите, дури и за властите и тие биле предупредени да не даваат, или да не примаат податоци на друг јазик освен грчкиот. Во спротивно, согласно со предупредувањето, сите подлежеле на казна од самата организација.

Диктатурата на Метаксас

Диктатурата на Јоанис Метаксас траела од август 1936 година се до неговата смрт во април 1941 год. Со воведувањето на Метаксасовата диктатура за македонскиот народ од Егејска Македонија започнал еден од најтешките периоди. Генералот Метаксас строго ја забранил употребата на македонскиот јазик, не само во секојдневниот живот, туку и во рамките на семејството. За секој македонски збор искажан јавно, надвор или во кругот на семејството, следувале тешки казни. Своите цели спрема Македонците режимот почнал да ги остварува со забраната за употреба на македонскиот јазик, јавно и приватно. Во таа насока е и доверливата директива од 1936 година., испратена од Генералниот гувернер на Северна Грција до сите локални совети да се придржуваат до мерките за забрана за употреба на македонскиот јазик.

Оние, кои биле забележувани како зборуваат на македонски јазик, биле казнувани со пиење рициново масло, затвор, или внатрешен прогон. Се смета дека во периодот 1936-1940 година, поради употребата на македонскиот јазик, биле казнети, затворени, или прогонети околу 5.250 Македонци. Македонците, кои биле затворани, биле испраќани во специјалните затвори на Пилос, Акронавплија, Хиос и Гавдос, додека оние, кои биле прогонувани, биле испратени на островите Крит, Хиос или Крф. Режимот на Метаксас организирал ноќни училишта за Македонците, каде тие биле обврзани да учат да читаат и пишуваат на грчки јазик, а едновремено ја изучувале и грчката историја.

Извештаите до Државната служба за одбрана

Од овој период се двата извештаја за македонското малцинство, составени од воденскиот учител Георгиос Пападопулос и доставени до Државната служба за одбрана во 1936 и 1938 година. Во првиот извештај, доставен во 1936 година, кој има наслов „За емоционалната и јазичната ситуација кај Славофоните Македонци и за наметнатите мерки за нивно погрчување“, се дава генерален заклучок, дека иако ова подрачје е составен дел на Грција повеќе од 25 години, сепак со оглед на тоа кој јазик е најзастапен помеѓу населението, користењето на старите имиња и топоними, песните, што се слушаат на разните веселби и обичаите, сугерираат нешто спротивно.

Најважниот заклучок на Пападопулос за Македонците е нивното „упорно карактеризирање на јазикот, што го зборуваат, како македонски… нивното упорно самоопределување како Македонци… неволноста да го изучуваат грчкиот јазик“.Според Пападопулос, „ситуацијата со секојдневната употреба на македонскиот јазик била особено загрижувачка кај македонските интелектуалци, државните службеници и просветните работници – Македонци“. Во однос на националната свест, тој определува дека „70 проценти се определуваат како Македонци“, кои „појавата на слоганот ‘Македонија на Македонците’ ги наелектризира“. Останатите ги распределува како гркофили и неопределени.

Со цел оваа „непријатна“ ситуација да се надмине, Пападопулос предлага редица мерки за погрчување на македонското население. Најзначајни мерки се оние, кои се однесуваат на самиот образовен процес. Такви се: градење училишта таму каде што такви нема, воведување вечерни курсеви за учење грчки јазик, наставата исклучително да се одвива на грчки јазик, забрана „славофоните“ да предаваат во училишта, воведување разни стимулации за Грците, кои ќе учителствуваат во македонските села (двоен бенефициран стаж, пониски даноци итн), доселување бегалци во овој регион, крштевање со грчки имиња и др.

Со крајот на Граѓанската војна во Грција заврши најтрагичното поглавје за припадниците на македонското малцинство. Во периодот, кој следуваше, иако престанаа акциите, што имаа за цел физичко истребување на Македонците, сепак официјалните власти продолжија со спроведување „правен терор“ преку многу законски акти и протежирање на политиката на дискриминација и непризнавање на постоењето на македонско малцинство на територијата на Грција.  

Меморандумот за преименување на македонскиот јазик од 1948 година

Од посебно значење за Македонците во Грција е меморандумот на Филипос Драгумис од 1948 година, доставен до Генералштабот на војската на Грција, насловен како „За пограничното бугарофонско население“.  Меморандумот претставувал одговор на прашањето од воениот врв до Драгумис за „карактерот на словенскиот јазичен дијалект, употребуван во селата во Северна Грција“. Во тој документ се предложени конкретни мерки до грчките власти, за да исчезне конечно потребата од споменување на проблемот со македонското малцинство. Целта на меморандумот била напуштање на дотогашните три термини, кои во различен историски период се употребувале во Грција за јазикот на Македонците: македонски во 1920 година, македонословенски во 1928 година и словенски во 1940 год. Најпрво се предлага да престане употребата на терминот „Славомакедонци“, кој им бил во полза, како што нагласувал Драгумис, само на „славокомунистите со цел меѓународна употреба на славомакедонскиот јазик и славомакедонската нација“.

Драгумис сметал дека и употребата на на терминот словенски е истозначен со терминот славомакедонски.  Терминот словенско јазично малцинство може да се тврди дека нема национален карактер, но ако препознаваме словенско малцинство во Македонија, различно од бугарското и српското, автоматски ќе стигнеме до славокомунистичката теорија за постоење посебна славомакедонска нација“ – рекол Драгумис.