Малцинството треба да го почитува мнозинството, но треба да го натера мнозинството да го почитува и самото него. Како? Не превиткувајќи грб, не откажувајќи се од тоа што сме, туку храбро и достоинствено да го браниме своето, вели д-р Стојко Стојков за македонскиот весник „Илинден“ кој излегува во Албанија.
Ако достоинствено настојуваме да го заземеме своето место во општеството – ќе не почитуваат. Само така навистина ќе бидеме прифатени. Ако пак сами не ги штитиме своите права и интереси никој друг нема да го направи за нас, а ниту пак некој ќе се сообразува со нас, вели Стојков македонски деец во Бугарија и член на претседателството на ОМО Илинден – Пирин.
Љутви Местан, претседател на партијата Демократи за одговорност, солидарност и толеранција (ДОСТ) од Бугарија, во која членуваат Турци побара од Бугарија да признае турско малцинство во Република Бугарија исто како што Албанија го направи тоа со „бугарското малцинство“ во таа земја.
Софија, минатиот месец изврши притисок врз Тирана и се закани со блокда на идно членство во ЕУ, по што Албанија призна „бугарско малцинство“ покрај постоечките осум.
Бугарија ја потпиша и ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, преточувајќи ја во закон уште на 18 февруари 1999 година. Но, во декларацијата со која е усвоен законот, се вели дека во Бугарија има лица што припаѓаат на различни етнички групи, но се отфрла постоењето на малцинства.





