Палестинските власти соопштија дека во израелски напад врз училиште во градот Газа, што се користеше како засолниште за раселените луѓе, загинаа десетици рано во саботата, пренесе „Дојче веле“.



Официјалната палестинска новинска агенција ВАФА објави за меѓу 90 и 100 загинати, а и портпаролот на цивилната одбрана на Газа, Махмуд Басал, за новинската агенција АФП изјави дека бројот на загинати е меѓу 90 и 100.

Агенцијата за цивилна одбрана зборуваше за „ужасен масакр“ и рече дека некои тела се запалиле.

„Израелските напади беа насочени кон раселените луѓе додека тие беа на утринска молитва, што доведе до брз пораст на жртвите“, соопшти канцеларијата за медиуми на владата на Газа, управувана од Хамас.

Од друга страна, израелската армијасоопшти дека нејзините воздушни сили „нападнале командно-контролен центар кој служел како засолниште за терористите и командантите на Хамас“.

„IDF прецизно ги погоди терористите на Хамас кои дејствуваат во командниот и контролниот центар на Хамас, во училиштето Ал-Табаин и лоциран до џамијата во Дарај Туфах, која служи како засолниште за жителите на градот Газа“, се вели во соопштението.

„Пред нападот беа преземени голем број чекори за да се минимизира ризикот од цивилни жртви, вклучително и употреба на прецизна муниција, воздушно набљудување и разузнавање“, се вели во соопштението на израелската војска.