Со донација од Стопанска банка целосно се опремени три македонски територијални противпожарни единици.
Пожарникарите од три бригади сега имаат нов индивидуален пожарникарски сет кој вклучува чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и пантолони.
Униформата е со врвен заштитен квалитет и ебспецијално изработена за борба со шумски пожари, природна непогода од која секое лето страдаат различни региони во Македонија.
Противпожарните единици во Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово со вкупно 27 пожарникари веќе ја користат опремата и го изразија своето задоволство на средбата со Управниот одбор на Стопанска банка во Центарот за управување со кризи.
Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, на средбата со присутните пожарникари, претставници од територијалните единици им се заблагодари за нивната пожртвуваност и посветеност кон заштитата на природата и граѓаните од една од најопасните појави – пожарот.
,,Донацијата од Банката е израз на нашата длабока благодарност и почит кон сите вас, поттикната од разорните пожари кои ја зафатија земјата во текот на летото, и кои, за жал, се сѐ почести во целиот регион. Соочени со разорната моќ на шумските пожари ја откриваме нашата ранливост како општество и заедница, па затоа, ако веќе сме во можност, помошта за првата линија на отпорот е најмалку што можеме да направиме. Искрено се надеваме дека опремата нема да треба да ја користите често, но во исто време нѐ радува фактот што добивте целосно нова и модерна опрема која ќе ве заштитува и овозможува подобри услови за работа”, рече Николетопулос на средбата во ЦУК.
Тој изразил благодарност и за Центарот за управување со кризи преку кој се реализираше донацијата бидејќи имаа директен увид за состојбите на теренот и беа во можност да направат проценка кои територијални единици треба да се опфатат со донацијата.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на средбата со менаџментот на Банката и претставниците од ТППЕ во просториите на ЦУК, изрази голема благодарност до пожарникарите за нивниот голем ангажман во справување со огнените стихии, како и до Банката, донатор на опремата за пожарникарите.





