Gодинававо мај, се навршуваат 100-те години од излегувањето на првиот буквар на македонски народен јазик за македонското национално малцинство во тогашна Грција под наслов АБЕЦЕДАР.
Тој бил подготвен од специјална комисија на тогашната грчка влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународно покровителство на „Друштвото на народите“ во Женева. Овој буквар е отпечатен во Атина во мај 1925 на лерински (леринско-битолскиот) народен говор со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис.
А само по дваесет години, исто така во мај (5 мај 1945) се усвојува македонската азбука со што се кодифицира македонскиот јазик. Истата година, на 7 јуни излегува и првиот Правопис на македонскиот јазик. Инаку, АБЕЦЕДАРОТ, како фототипно издание, годинава, секој може да го има во својот дом, како издание на „Матица македонска“.
Факт е дека сѐ до појавата на овој АБЕЦЕДАР, македонското дете немало буквар, учебник, па и книга од кои можело да се описменува, да научи да чита и воопшто да чита на својот мајчин, македонски народен јазик, вели универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска на конференцијата „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“ во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во соработка со колеги, филолози од Грција што се посветени на изучување на македонскиот јазик, книжевност и култура.
Конференцијата следи по онаа за македонистика што минатата година, во декември се одржа на Универзитетот „Македонија“ во Солун.
Мојсова-Чепишевска којашто учествуваше и на двата настана, за АБЕЦЕДАРОТ говореше како прв буквар и прва книга за деца на македонски народен јзик.
Во тој контекст може да се споменат само два примера, едниот на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, а другиот на Григор Прличев. Имајќи ја предвид скромната претходница, факт е дека излегувањето на македонски буквар насловен како АБЕЦЕДАР е историски чин за нас Македонците. Овој АБЕЦЕДАР може да се исчита и како прв буквар и како прва книга за деца на македонски народен јазик, без притоа да се прави некоја јазична анализа.
Мојсова-Чепишевска детално се осврна на содржината на АБЕЦЕДАРОТ. Буквите се подредени од „а“ преку првите согласки (б/b, в/v, к/k, д/d, м/m…) и самогласки (e/e, и/i, о/о, у/u…) за да може да се прочитаат и да се напишат првите зборови (двосложни) и првите реченици, едноставни од два или неколку збора, како: „баба вика / baba vika“ (2025: 8) или „бабо вика бебе / babo vika bebe“ (2025: 9), или „детето има топка / déteto ima topka“, но и „тетка вика тука детето / tetka vika tuka déteto“ (2025: 14), па сѐ до оние гласови што се предадени како дифтунзи (Ѕ = DZ, Џ = DŽ, Ќ = КЈ, Ѓ = ГЈ).
– Притоа авторите на букварот внимавале да го означат и акцентот кај третосложните зборови кој треба да е на првиот слог. И тоа е во правец на правилниот изговор и правилното читање. Како се учат буквите, така речениците стануваат и поголеми и побројни кои кон крајот прозвучуваат и како мали текстови, како на пример: Јагнето паси во ливадата. Митре јаде јаболко и си касна јазикат. / Jagneto pasi vo livadata. Mitre jade jábolko i si kasna jázikat.“ (2025: 22). Букварот ја почитува и потребата од илустрација која функционира како диптих со самата буква и со самиот збор кој почнува на таа буква или се врзува со таа буква. Впрочем, детето, така, преку визуализацијата, полесно и побрзо ги учи самите букви и побрзо почнува да чита, посочи Мојсова-Чепишевска.
На крајот се дадени сите букви, за сите гласови од македонскиот јазик т.е. од леринско-битолскиот говор, како можна основа за идната македонска азбука, па и за некоја бушава/игрива азбука како онаа на Горан Стефановски, според Мојсова-Чепишевска. Букварот продолжува со едноствани објаснувања на некои основни граматички категории, како заменки, заменски придавки, прилози за место и за време, заповеди т.е. заповедниот начион и сегашното време. Сосема на крај АБЕЦЕДАРОТ се затвора со малата и многу значајна ЧИТАНКА која е составена од осум текста.
– Тие осум текста може да се читаат и како први текстови наменети за децата, како мали четива или кратки раскази напишани на тој лерински говор или на македонски народен јазик. Кога се размислува за тоа кои критериуми ја определуваат литературата како соодветна за детската рецепција, антрополошкиот и психолошкиот аспект секогаш ја имаат предвид возраста. Затоа, најчесто се тврди дека литературата за деца треба да го содржи критериумот едноставност. Изборот на теми низ едноставниот јазик кој понекогаш се обидува и да не биде премногу строг и крајно дидактички сосема одговара за возраста кога се случува и описменувањето. Темите на кои почнуваат да читаат се однесуваат на верата, човекот, семејството, училиштето, црквата … Тоа значи, дека овие осум четива сосема ја имаат предвид возраста и го запазуваат критериумот едноставност, нагласи универзитетската професорка.
Општо место во литературата за деца е дека испраќачот е секогаш или најчесто возрасен, родител или учител, а примачот е дете, со сето свое неискуство, наивност, неразбирање.
– Добро е кога текстот е загатка. Тогаш тој бара разгатнување. Во таа смисла возрасниот читател секогаш е во предност кога чита литература за деца и „покрај тоа што детето на неговата сегашност го надминува, психолошки и интелектуално, детето на неговото минато“, според Јадранка Владова. Во однос на овој критериум четивата од првиот македонски буквар се недоволно игриви, но се сосема коректно загатливи. Пред сѐ треба да се има предвид дека тие се наменети за отпочнување на процесот на читањето. Но се поучни зашто се читаат како мали животни лекции, на пример во што е силата на човекот, што е семејството т.е. фамилијата, како треба да се однесуваме во црква, како децата се чувствуваат кога ќе добијат чаша топло млеко од мајка си, зошто и кога е Ленка лошо девојче / лоша чупа … (2025: 40). Така, овие осум текстови како да се надоврзуваат на оние поуки од „Таблица перваја“ на Џинот. Последниот текст „Ленка, лошата чупа“ како да нѐ води кон еден мал расказ во кој има и доволно драматичност и сериозна поучност, па во тој поглед некако е во дијалог со некои од оние песни за деца на Прличев, анализираше Мојсова-Чепишевска.
Така доаѓаме и до третиот критериум на литературата за деца. Како најголем грев во литературата за деца се посочува токму дидактичноста поточно поучноста. Впрочем таа, самата за себе, не е воопшто лошо обележје на литературата за деца. „Прекрасно е ако литературата може да ѝ конкурира на жестоката визуелност која неконтролирано го освојува светот на детството. А дидактичноста на литературата за деца е само обратен мимезис, во неговата смисла да се препознае светот“, како што има констатирано Јадранка Владова.
– Така и овие мали четива, лекции, го поучуваат, но и го забавуваат малиот читател. А добрите четива може да го пренесат читателот од брегот на детството до брегот на возрасните. Затоа е навистина штета што воопшто овој прв македонски буквар не дојде до рацете на македонските деца од Грција кои ние во секојдневниот говор сѐ уште си ја викаме Егејска Македонија, поентираше Мојсова-Чепишевска.
На кој јазик бил напишан „Абецедарот“ за Македонците во Грција?






