Стефан Гајдов, композиторот на македонскиот бит, кој ги револтираше српските власти со изведбите на дела на забранетиот македонски јазик во 1930

На денешен ден, на 26 мај 1905 година во Велес е роден Стефан Гајдов, композиторот на македонскиот национален и културен бит, диригент, педагог и учебникар од првата генерација македонски музички композитори. Пораснал во скромно занаетчиско семејство, во кое мајка му, Евгенија, познатата песнопојка, го создавала благопријатниот амбиент, во кој неговата природна дарба се среќавала со творечките изблици на македонскиот народен музички гениј.



Од најраната младост Стефан покажал љубов кон музиката, преточена преку неговиот интерес за хорското пеење и народните инструменти. Од сите нив најмногу го привлекувала мандолината, на која набрзо и научил да свири. Првите познавања за музиката ги добил уште на деветгодишна возраст од музичарот Илија Настов, кај кого се запишува во Велешката гимназија. Откако Настов заминува во Учителската школа во Скопје, водењето на хорот и оркестарот му го препушта на најталентираниот ученик – Стефан Гајдов што музичкото знаење и вештини ги надградил во гимназијата кај познатиот професор и хороводител Стеван Шијачки.

Токму Шијачки му овозможил совладување на основната музичка писменост. Во 1922 година со неколку млади вљубеници во музиката, меѓу кои и Живко Фирфов, го формирале оркестарот, што го нарекле „Гром“. Набрзо оркестарот престанал да работи, а Гајдов преминал во КУД „Горски“ каде што ги подучувал членовите до август 1926 година. Меѓу членовите на друштвото бил и неговиот другар Кочо Рацин. Следниот чекор во неговото музичко образование било заминувањето во Белград. Тој е прв Македонец што го завршува наставно-теорискиот оддел при Музичката школа издржувајќи се како столарски помошник. Уште за време на школувањето во Белград се чувствува неговиот творечки афинитет кон хорската музика. Неговите творби создадени во ова време веднаш биле прифатени, особено од напредната македонска и општојугословенска младина, а во нив се потцртува конкретното постоење на специфичниот македонски национален и културен бит.

По дипломирањето се враќа во Велес каде што станува професор во гимназијата. Само една година подоцна, во 1930 година го формирал хорот „Јека са Вардара“ на чиј репертоар става многу македонски композиции, меѓу кои и свои композиции. Поради пеењето и изведбата на дела на забранетиот македонски јазик на јавни концерти Стефан предизвикал револт кај тогашните власти. Поради тоа под стража бил пратен во злогласната „комунистичка“ гимназија во градот Вуковар, Хрватска (јануари 1932). Со сопругата Љубица, Србинка, Гајдов бега во 1941 за Скопје каде што ја преживеал војната, како професор по музика во женската гимназија „Царица Јоана“ и диригент на машки хор во црквата св. Димитрија наречен „Браќа Миладиновци“, што дејствувал до 1945 година и служел како врска на борците што заминувале во партизани!

„Вуковарскиот“ период е особено значаен во творештвото на Стефан Гајдов. Од печат излегле повеќе дела за мешан, детски, женски хор и композиции за глас и пијано во чија основа се наоѓала македонската народна песна. Најдобра оценка за Гајдов како диригент и ворец во ова време дал познатиот критичар Дреновац: „Инспириран од мотивите на македонските народни песни, на композициите им дава чувства, отворајќи  можности нашата публика да ги почувствува убавината и нежноста на тие чудесни мелодии.

По ослободувањето Стефан Гајдов својата активност ја продолжил во Македонија, работејќи во повеќе институции и раководејќи со нив. Притоа развивал плодна педагошка дејност. Освен на хорска музика, тој бил автор и на неколку инструментални дела, меѓу кои и на првиот македонски гудачки квартет (1934) и „Фантазијата за флејта и оркестар“ (1968). За Гајдов критичарите запишале: „Историјата на македонската музика досега на своите страници забележала неколу исклучителни личности, чија творечка инвенција и делување претставуваат вистински стожер на македонската музичка култура, а меѓу нив е и Стефан Гајдов. Во личноста на Гајдов се содржат почетоците, развојот и високите дострели на македонската музичка култура, благодарение на неговата многуслојна музичка наобразба која го презентирала во хрватската и македонската средина како музички педагог, професор, учебникар, диригент, композитор и како еден од најуспешните раководители на неколку музички институции.“

Помалку е познато дека Гајдов во младоста изработувал и архитектонски цртежи. Негово дело е нацртот од куќата на велешкото семејство Глушкови, која ја проектирал во 1928 година. Доказот за ова откритие се наоѓа во една од собите на прекрасната куќа, која е во близина на црквата Св. Богородица, кај Читкушева Чешма. Композиторот Гајдов починал на 17 јули 1992 година во Охрид.