Се намалува бројот на осуденици зад решетки – барем формално. Со денешната промоција на електронските алки кои ќе се поставуваат на нозете на осудените лица коишто казната ќе ја издржуваат во домашен затвор, започнува нова фаза во казнено-поправниот систем на Македонија.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, изјави дека според последната анализа направена во затворите, околу 60 затвореници во моментот ги исполнуваат условите да добијат електронска алка и казната да ја издржуваат во домашни услови, под 24-часовен електронски надзор.
– Имаме вкупно 2.300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од затворите исполнетоста на капацитетите е над 100%. Мојата надеж е дека со овие алки ќе се намали таа пренатрупаност. Низ призма на бројки, јас ќе ви кажам дека во моментов 60 лица можат веднаш да добијат електронска алка – изјави Пандов.
Законската рамка дозволува три категории затвореници да бидат префрлени во домашен затвор со електронска алка: стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и тешко болни затвореници.
Самиот процес може да биде инициран на два начина – или затвореникот сам поднесува барање до надлежниот суд, или затворот иницира таква постапка за одреден осуденик.
– Во моментов на мојата нога носам алка и ја тестираме дали работи. Ако излезете од периметарот кој ви е одреден, ние веднаш реагираме. Прво го бараме затвореникот телефонски на СИМ картичката којашто е инсталирана во уредот, па бараме некој негов близок, а ако и тоа не вроди плод, тогаш повикуваме полиција – објасни Пандов, уверувајќи ја јавноста дека системот е сигурен и дека не верува оти некој затвореник ќе си дозволи да го злоупотреби.
Тој откри дека еден затвореник дневно ја чини државата над 2.000 денари.
– Ако земеме предвид дека голем дел од затворениците се тешко болни, самото нивно носење во болница нѐ чини пари. Самото чување на тие затвореници во болниците ни троши ресурси. Затоа, тие затвореници отсега ќе можат да ја отслужуваат затворската казна во својот дом со алка на ногата – рече Пандов, додавајќи дека во моментов во земјава има вкупно 60 затвореници кои одлежуваат доживотна казна затвор.





