Станковиќ: Поставеното огромно државно знаме на Албанија на џамија во Куманово е изблик на радикалниот великоалбански иредентизам!

„Со децении црвеното знаме со црн двоглав орел, односно албанското државно знаме, сосила се турка да стане симбол на великоалбанство, шовинизам, нетрпеливост, хегемонија… Тие што го туркаат тоа несвесно, или токму свесно, влегуваат во шемата на великоалбанскиот шовинизам и иредентизам. Албанска радикална симболика ја надвладува традиционалната етнографија: на симболите, како што се знаме, грб и сл. се додаваат и карти на голема Албанија и слични големодржавни манифестации(!?), се предимензионираат симболите или се истакнуваат на несоодветни места… Сето тоа наметливо се пројавува во македонското општество како обид за мобилизирање радикализам во албанските средини. Зошто?“ – истакнува новинарот Далибор Станковиќ во својата колумна со наслов „Чуму мобилизирање во албанските средини?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Натаму, покрај другото, Станковиќ пишува: Поради одредени интереси во изминатиов период, во Македонија се случува албански радикален националистички изблик, што беше особено видливо при поставувањето огромно државно знаме на Албанија на верски објект во Куманово. Овој чин има неколку апсурдности. Најпрво е спротивно од Законот за употреба на знамиња во Република Македонија, а од друга страна се поставува државно знаме на туѓа држава на верски објект, на џамија. Исламот не познава етничка вероисповед, еден муслиман може да има македонско или турско потекло, оттука поставување државно знаме е навреда за оние муслимани, што не се идентификуваат со албанската држава, но и богохулење на Куранот и пророкот Мухамед.

Црвеното знаме со црн двоглав орел во центарот е државно знаме на Република Албанија, а не етничко знаме на албанскиот народ, всушност етничкото албанско знаме е црно-црвено без двоглав орел. Со децении, во ваков контекст, црвеното знаме со црн двоглав орев, односно албанското државно знаме, станува симбол на великоалбанскиот шовинизам и иредентизам. Оттука јасна е пораката што се испраќа од Куманово, но останува нејасно зошто токму во овој период повторно се повампирува великоалбанската симболика.

Во последните месеци дојде до одредена промена во политичкото битисување во Македонија, промена од која некој се плаши. Затоа албанската радикална симболика повторно се пројавува во македонското општество, како обид за мобилизирање на радикалните албански средини. Немајќи резултати и решенија во полза на албанската заедница во Македонија, како што е недостигот од водовод во Арачиново, одредени албански политички структури се обидуваат да ги изманипулираат македонските граѓани од албанско потекло.