Кога е во прашање станбеното прашање еден куп дилеми ни се вртат во главата. Што е поисплатливо – да се купи стан на кредит или да се живее под кирија. Граѓаните велат, кешот е закон, ама кај нас се ретки оние што можат да си го дозволат тоа задоволство, односно да купат стан во готово и да спијат мирно, без стресови секој први во месецот кога треба да се исплати ратата.
Македонските граѓани, главно, живеат на кредит. Дебел минус на дебитните, а уште поголем е оној на кредитните картички, кола на кредит, ама кредитот за стан е убедливо најстрашен. Сепак, и покрај стресот, 90 отсто од становите се купуваат на кредит.

- „Подобро е да купам стан на кредит со висока камата и да го отплаќам и 30 години, ама барем знам дека еден ден тој ќе биде мој отколку да плаќам кирија. Така парите ќе одат во ветер, а и по 30 години плаќање месечна кирија во просек од по 200 евра, на крајот пак ќе немам ништо свое“, вака размислуваат најголемиот број од граѓаните, кои заглавуваат со кредити до гуша за да имаат свој покрив над глава.

Решавањето на станбеното прашање е еден од најтешките проблеми, особено за младите брачни двојки. Секој сака да дојде до свој покрив над глава, но прашањето е што е наједноставно и најисплатливо. Младите најчесто се решаваат да купат стан на кредит, но само доколку им помогнат родителите со пари за учество, па останатото го плаќаат сами од нивните скромни плати.






