Во текот на вчерашниот ден направена е уште една мултиорганска трансплантација на органи во којашто еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, информираше Министерството за здравство.
Министерот Илир Демири упатува огромна благодарност до семејството на донорот коешто се одлучи да ги донираат органите од нивниот близок и притоа да спасат најмалку 4 животи.
„По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива.
Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно не потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот.
Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку 4 животи.
Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи.
Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје“, истакнува Демири.
Од 2020 година досега во Македонија трансплантирани се 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскено ткива, вкупно 77 органи што живот значат.






