Патријархот на Српската православна црква Порфириј порачува дека македонските епархии во период од најмалку 7 векови во рамки на СПЦ биле само 47 години и затоа Македонската православна црква има право да биде афтокефална а не под јурисдикција на српската црква.
Во интервју за руски медиум запрашан за црковниот случај со Македонската православна црква – Охридска архиепископија, патријархот вели дека епархиите во сегашна Македонија биле под јурисдикција на СПЦ само меѓу 1920 и 1967 година кога е формирана Македонската православна црква.
Порфириј во изјавата вели дека дури од времето на Душан Велики кој владеел во 14 век македонските епархии не биле дел од српската црква.
Една работа е што некогаш териториите на македонските епархии биле под владение на српските политички владетели но сосема друга е црковната администрација која во случајот со Македонија е долга само 47 години до формирањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Порфириј не зборува конкретно за Охридската Патријаршија или други црковни институции но меѓу редови порачува дека историски и црковно гледано македонските епархии никогаш не биле српски туку дека се дел од македонската верска традиција и организација без разлика кој согласно политичките услови владеел со Македонија.
Порфириј вели дека одлуката за афтокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на СПЦ е донесена соборно односно едногласно од сите српски владици и дека тие што го обвинуваат за некакво предавство на српските национални и црковни интереси не се во право затоа што сега во Македонија има браќа и сестри во вистинска смисла на зборот.






