Србија бара објаснување од Македонија за бегството на Рамадани

Бегството на Блерим Рамадани, кој беше приведен на Јажинце по потерница на Интерпол издадена по барање на Србија, предизвика реакција од Белград.



„Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој кој е уапсен со валидна потерница да избега од домашен притвор. Или меѓународната правда не важи за албанските терористи и воени злосторници, кога убиваат Срби, се е дозволено и простено“, изјави српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.

Бегството на Рамадани од домашен притвор во Македонија, според него е „скандалозно“.

Македонското МВР потврди дека поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава. „Од страна на надлежен судски орган доставена е документација до МВР за распишување на централна потерница за лицето Б.Р. бидејќи во моментов е недостапно за органите на прогонот. МВР презема мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.

Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово како поранешен војник на ОВК, уапсен во Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но со судска одлука беа ослободени.