Спречена работата на „Бехтел и Енка “. Жителите на Ореовец ќе ја бараат правдата на суд

Жителите на прилепското село Ореовец, денеска го блокираа локалниот пат кон селото, не дозволувајќи на механизацијата од „Бехтел и Енка ” да влезе кон градилиштето.



Жителите алармираат дека никој не ги известил оти „Бехтел и Енка” тука ќе врши ископ на суровини, за изградба на автопатите до коридорите 8 и 10Д. Според нивното сведочење од минирањето, еден од деветте извори на вода за пиење е неупотреблив. Во опасност се и ректите инсекти кои ги има во овој предел, но и црквата, која веќе е оштетена.

Од Државни патиша, како што пренесува ТВ 24 велат дека ископот е согласно добиените лиценци, одобренија и концесии. Оттука ќе се вади камен за изградба само на автопатот Прилеп – Битола, велат од ЈПДП и негираат дека минирањата се вршат толку блиску до објектите, како што жителите велат.

„Фирмата која го врши минирањето, и покрај тоа што не е нејзина обврска, постапувајќи одговорно, 24 часа пред самото минирање вербално ги известила и жителите на с. Ореовец. Исто така, се проверува и влијанието на секое минирање. Најблискиот објект од местото на минирање е оддалечен точно 706 метри, во која точка се поставени мерни инструменти кои мерат бучава и вибрации, согласно кои може да се види дека и вибрациите и бучавата се минимални.“ – велат од Државни патишта.

Во меѓувреме, жителите на Ореовец поднесоа претставка до Уставниот суд, со која ќе бараат преиспитување на законот кој на Бехтел и Енка им овозможува минирање, а од прлепскиот основен суд ќе бараат проценка на досегашните штети.

Извор: https://24.mk/details/sprechena-rabotata-na-bekhtel-i-enka-vo-izgradba-na-avtopatot-prilep-bitola