Спиропали: Ветото и билатералните прашања му нанесоа штета на зачленувањето на РМ во ЕУ според заслуги! – ЕУ треба да се преиспита!

„Треба и Европската унија да преиспита нешто во своите ставови кон процесот на своето проширување. Станува збор за правото на вето и билатералните прашања меѓу земјите на ЕУ и земјите кандидатки за интегрирање. Овие две околности вештачки ја отежнаа интегративната брзина на поодделните земји. Како пример за ова се нашите пријатели, соседната земја * Македонија, на која ѝ беше нанесена штета во поглед на принципот за зачленување според заслуга, според меритократскиот критериум.“изјави Елиса Спиропали, претседателка на парламентот на Албанија. на 21. состанок на Регионалната конференција на парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на земјите учеснички во Процесот за стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа (КОСАП), која се одржа во Собранието на Република Албанија во Тирана на 28 февруари 2025 година.



Потсетуваме дека заменик-претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Игор Здравковски и членот на Комисијата Митко Трајчулески учествуваа на овој состанок во Тирана. На него присуствуваа делегации од парламентарните комисии за европска интеграција/прашања на Албанија, Босна и Херцеговина, Република Македонија, Србија и Црна Гора. Во својство на специјални гости учествуваа и делегации од Големото национално собрание на Турција, Парламентите на Косово, Украина, Молдавија и на Грузија.

Конференцијата била отворена од страна на претседателката на Парламентот на Република Албанија Елиса Спиропали, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, шефот на Делегацијата на Европската Унија во Албанија Силвио Гонзато и претседателката на Комисијата за европски прашања на Албанскиот парламент Јорида Табаку. Во нивните обраќања, како што се наведува во соопштението, било нагласена важноста на парламентарната дипломатија во процесот на европска интеграција, како и потребата да се засили регионалната соработка за забрзување на реформските процеси. Тие се осврнале на размената на искуства и најдобри практики меѓу парламентите од регионот, со цел зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на усогласеноста со европските стандарди.

Заменик-претседателот на КЕП Игор Здравковски потенцираше дека нашата држава, со своето дваесетгодишно активно учество во КОСАП Конференциите, покажува посветеност кон европските вредности и заедничката иднина на Регионот. Нагласи дека европската интеграција останува стратешка цел на земјата, а реформите кои се спроведуваат се суштински за напредокот во пристапниот процес.

Членот на Комисијата на КЕП, Митко Трајчулески, во своето излагање посочил дека регионот на Западен Балкан се соочува со постојани влијанија од неевропски актери, кои имаат свои интереси во овој регион различни од оние на ЕУ.

-Затоа ЕУ не смее да биде пасивна, напротив, сега е моментот кога ЕУ треба да покаже лидерство и да донесе правилна геостратешка одлука, а тоа е сите земји од Западен Балкан да станат нејзини членки до 2030 година. Еден таков решителен чекор, ќе ја направи Европа посилна и обединета, а самата ЕУ ќе стане поголем и повлијателен актер на меѓународната сцена, нагласил Трајчулески.

Македонската делегација за време на Регионалната конференција оствари голем број официјални средби, вклучувајќи дополнителни средби и со Марија Костовски од Комитетот за национални малцинства при Владата на Албанија, Ендрид Фетаху, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, како и со Делегацијата од Грузија. Следниот состанок на КОСАП ќе се одржи во Босна и Херцеговина во втората половина од 2025 година. КОСАП (COSAP) претставува кратенка за Конференција на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања на државите опфатени во Процесот за стабилизација и асоцијација на Албанија, БиХ, Македонија, Хрватска, Србија и Црна Гора, основана на 17-18 јуни 2005 година во Сараево, БиХ.