Александар „Велики“ Волкановски си го врати шампионскиот појас во УФЦ, настапувајќи во борбата за титулата во перолесна категорија против Диего Лопес од Бразил со опрема што содржи и фрагмент од македонското државно знаме.
На тој начин првиот ултимејтфајтер што си ја вратил титулата во оваа категорија откако наполнил 35 години (популарниот Волк има 36) сакаше да го одбележи своето македонско потекло по неговиот татко Тоде Волкановски, кој е роден во битолското село Беранци.
Специјално дизајнираната опрема на Волкановски за оваа пригода асоцира и на неговото потекло од Грција по мајка му Мери Волкановски (моминско Калманидис) преку грчкиот фонт на кој е испишан неговиот прекар „Велики“ (The Great) на англиски јазик.
Австралија, пак, во која е роден и живее и за која настапува е претставена преку белите ѕвездички и зелената и жолтата боја на опремата.






