Со 29 гласа „за“, Советот на Град Скопје на денешната вонредна усвои заклучок со кој се предлага поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да продолжи и во иднина. Се предлага и заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите.
Инаку, по денешната интервенција на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за следните седум дена, утре изутрина јавниот градски превоз во Скопје ќе биде нормализиран.
Градоначалничката се појави на Советот. За кризата во ЈСП, Арсовска рече дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.
– Она кое што се случи вчера, а тоа е да застане превозот поради недостаток на нафта, морам да кажам дека не е предизвикано од тоа што некој несоодветно си ја завршил својата работа, туку е предизвикано од тоа што во редовна јавна набавка, односно постапка за јавна набавка, која што во рок е завршена за да нема никакви проблеми, беше предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки и истата беше поништена, и покрај тоа што се работи за јавна набавка која што е за суштинскиот енергенс, рече Арсовска.
Доколку не била поништена оваа јавна набавка, Арсовска вели овој проблем немало да постои.
-Доколку не беше оваа јавна набавка поништена, ние денес овој проблем немаше да го имаме. Од друга страна, морам да кажам дека денес имавме можност да видиме она кое што го зборуваме веќе во изминатите три години, чекорот којшто беше направен од страна на Владата и од страна на премиерот, којшто во рекордно време од истато тоа Биро за јавни набавки успеавме да добиеме одобрение за директна спогодба за да може Јавното сообраќајно претпријатие во овие услови во какви што беше ставано од истата таа институција да може да испреговара и да се снабди со нафта, додаде Арсовска.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, пак, вели дека тие како советничка група досега ги изгласале сите програми за Град Скопје, вклучително и за ЈСП, но истакна дека надминувањето на кризата зависи од менаџирањето од страна на Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие.
– Само оваа година доделивме 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за сѐ што е позитивно за ЈСП, но и за останатите претпријатија, рече Стојановски.
Прашањето за долгорочната стабилност на јавниот превоз останува отворено, додаде Стојановски, бидејќи, како што рече, ваквата состојба за граѓаните не е само технички проблем, туку резултат на политичките игри.
– И покрај владината интервенција, останува прашањето за долгорочната стабилност на јавниот превоз. За скопјани оваа состојба не е само технички проблем, туку и доказ за политичките игри што го доведоа ЈСП до колапс. Нафта утре ќе има, а јавната набавка за една недела ќе биде реализирана од страна на Градот Скопје и повторно автобусите би требало да возат, секако доколку тоа успеат службите од Градот Скопје да го менаџираат, рече Стојановски.






