Со промената на валутата во Бугарија, граѓаните грчевито се борат да ќарат некое евро

Важни вести за парите ги возбудија Бугарите во минатата недела. Во средата пратениците конечно го изгласаа Законот за воведување на еврото во Бугарија. Целта е да се воведат правила според кои земјата ќе ја усвои единствената европска валута. Законот ќе стапи на сила веднаш штом Бугарија добие датум за усвојување на еврото. Се претпоставува декапогодни датуми се 1 јули 2025 година или 1 јануари 2026 година.



Владата веќе ги објави сите технички детали околу преминот од лев во евро, а објавена е и стратегијата како да се избегнат зголемената инфлација и други дисторзии на финансискиот пазар.

Новиот закон предвидува создавање правило за автоматска конверзија на износите од лева во евра по датумот на усвојување на единствената валута. Таканареченото „општо правило“ се однесува на конвертирање на вредностите со одредената стапка и заокружување на добиениот резултат на второто децимално место врз основа на третото децимално место во согласност со правилото за математичко заокружување. Се утврдува и стапката по која ќе се усвојува еврото, повторувајќи ја одлуката на Националното собрание. Неговата вредност во моментов е фиксирана на 1,95583 лева за 1 евро.

Накусо, одбројувањето до влезот на Бугарија во еврозоната веќе почна. Но, граѓаните на оваа земја, која во минатото преживеа големи турбуленции во економијата, си градат своја стратегија како да го преживеат и ако може, дури и да ќарат од промената на валутата. А стратегијата е едноставна и добро позната од минатото – што повеќе левови да се „затворат“ во имоти и во други вредности за кои Бугарите веруваат дека во иднина ќе „прават“ пари.

Првиот чекор е парите скриени „под перница“ да се внесат во банките. Најновата статистика на Бугарската национална банка од крајот на јуни покаќа дека во Бугарија се множат милионерите – и во депозити и во заеми. Главната причина е тоа што парите што се чуваат во банките автоматски ќе се конвертираат во евра. Но, доколку парите се скриени „под перница“, што е вообичаено секаде на Балканот, за конверзија на поголеми количества левиови во евра ќе се бара доказ за потекло. А тоа во „европска“ Бугарија не е баш лесно…

Така, за само 3 месеци, бројот на луѓе кои имаат седумцифрени суми на сметките се зголемил за 77. Тоа значи дека секоја недела седум нови Бугари можат да се пофалат дека имаат депозит во банка повеќе од 1 милион левови. За една година Бугарија има повеќе од 271 милионер. Вкупно, во банките има 1.595 милионери, а вкупните депозити се повеќе од 4,235 милијарди лева. За споредба, пред една година имало 1.324 милионери и депозити од над 3,628 милијарди левови.

Но, не се само милионерите тие што си бараат чаре за парите. Депозитите над 1 милион лева се на трето место по раст во рок од една година. Најбрзо пораснале депозитите на граѓаните со суми од 200.000 лева до 500.000 лева, покажуваат податоците на БНБ. Тие пораснаа за над 26% за една година. Од друга страна, статистиката повторно регистрира пад кај најмалите депозити, оние до 1.000 лева. Станува збор за близу стотина илјади банковни депозити, во вкупна вредност од близу 766 милиони левови.

Заклучокот е јасен – од конверзија на левовите во евра најмногу ќе ќарат богатите, оние што ќе успеат да стокмат повеќе пари на своите банкарски сметки. Времето кога речиси сите банки даваа нула камата на депозитите на граѓаните, а некои финансиски институции дури и престанаа да нудат орочени депозити за домаќинствата, помина. Последните трендови покажуваат дека каматите се одлепија од нулата и тргнаа нагоре.

Целата анализа прочитајте ја тука.