„Имаме иста загриженост со многу сонародници: дали ќе имаме четврти мандат на сегашниот градоначалник Фатмир Дехари и дали ќе продолжи Кичево да дише на албански како досега? Кој е планот за натаму?!“ – ова прашање од еден иселеник-Албанец од Кичево му беше упатено на градоначалникот на оваа општина Фатмир Дехари на вчерашната средба, на која присуствуваше и лидерот на ДУИ Али Ахмети, За таа средба информираше вчера ТВ 21 во својата информација со наслов „Кој и зошто калкулира во врска со општина Кичево? Дехари се подготвува за уште еден мандат“. Инаку, тоа прашање го постави д-р Флорим Цуцули, интервентен кардиолог, што живее во Луцерн, во Швајцарија и работи таму како директор на Кардиоцентарот и сораководител на Одделот за кардиологија при Кантоналната болница во Луцерн. Натаму во својата информација ТВ 21 објави: Во врска со споменатото прашање градоначалникот на Кичево Дехари во својот одговор соопшти дека ќе се кандидира и за четврт мандат за таа функција. „Со својата порака, што ја кажав за јазикот, знамето, за основата на оваа институција, која влече корени од дијаспората, бев јасен за четвртиот мандат, кој ќе продолжи во оваа општина. Темелите на оваа општина ги изградивте вие, дијаспората, вие сте печатот на победата на оваа општина, надежта и иднината.“ – посочи Фатмир Дехари. Инаку, тој ја искористи вчерашната средба со печалбарите-Албанци од Кичево небаре како да веќе започнала предвремено предизборната кампања за локалните избори во 2025 година и во функција за нова етничка мобилизација за избор на нов градоначалник-Албанец, бидејќи веќе најави оти ќе се подготвува за освојување четврти градоначалнички мандат.
„Нека разбере секој човек, кој било да е тој, од власта, или надвор од власта, премиерот, министрите, претседателот на Парламентот, претседателот на државата, дека ќе ги браниме по секоја цена симболите наши и нашиот албански јазик, кои се свети за нас. Владеејќи во оваа држава и со албанскиот јазик ние ги градиме нашите институции, нашата општина, нашиот град. Во сенката на нашето црвено-црно албанско знаме ние ја градиме нашата земја, нашата општина, нашите населени места. Секој човек од државниот врв, било премиерот, било претседателот на државата нека разбере дека оваа држава е и наша, таа е и ваша, печалбари, таа е и на жителите на Кичево, и на никој друг. Ние знаме да владееме на нашиот албански јазик, знаеме да владееме со нашето национално знаме.“ – рече Фатмир Дехари вчера.
ТВ 21 информираше дека „пописот на кичевските иселеници како нерезиденти (физички лица, граѓани со постојан престој во странство – заб.прев.), како и прашањето за албанскиот јазик во земјава, беа дел од темите, за кои кичевските иселеници изразија загриженост на вчерашната средба со градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари“. Останува нејасно: за каква „опасност за раководењето со општината на локалните избори во 2025 година“ вчера станало збор? Но оваа дилема во своето истапување ја „разреши“ лидерот на ДУИ Али Ахмети, велејќи дека е „загрижен за локалните избори, бидејќи се прават калкулации и активности, за да им ја земат општина Кичево“! „Има активности дење и ноќе, има организирање и мобилизација, за да се земе општина Кичево, ова е повеќе од вистина!“ – изјави Али Ахмети во овој етнички контекст.
„Ахмети рече дека никој не може да им го скрати правото на глас на иселениците, иако Мицкоски го кажа ова. Тој ги потсети иселениците дека прашањето за албанскиот јазик мора да се зачува бидејќи, како што рече, ако пет Македонци добијат кворум, можат да го фрлат законот за јазици во ѓубре, затоа побара од нив да бидат подготвени да го зачуваат и да го заштитат јазикот, стекнат со крв.“ – дополни ТВ 21 во својата спомената информација.
„Барањето Кичево да продолжи да дише албански“ и „предупредувањето“ на Али Ахмети дека „има активности дење и ноќе, има организирање и мобилизација, за да се земе општина Кичево“ е „верно придржување“ кон „аманетот“ на поранешниот вицепремиер и организзациски секретар на ДУИ Артан Груби, кој на предизборен митинг за локалните избори во 2022 година во Кичево имаше нагласено: „Кичево е воен плен од 2001 година и Македонец не смее да биде градоначалник на Кичево!“.
По скандалозните закани кон претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и другите членови на оваа институција „ако се смели мажи, нека повелат да го сменат законот за албанскиот јазик“ Али Ахмети заигра на истата опасна „етничка карта“ и на средбата со кичевските печалбари-Албанци: побара од нив не само да бидат подготвени против „петте Македонци“, мислејќи на членовите од Уставниот суд, „заради заштита на албанскиот јазик“, туку ги повика уште отсега и на етничка мобилизација спроти локалните избори во 2025, за да се избере повторно градоначалник-Албанец на Кичево.





