Со незаверен милионски договор Македонија требаше да купи 8 армиски хеликоптери!?

 

За ова информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски, потенцирајќи дека се работи за договор во вредност од 249 милиони евра кој е потпишан со италијанската компанија „Леонардо“.



Според министерот, техничкиот аранжман за набавка на 8 армиски хеликоптери, потпишан помеѓу Македонија и Италија, воопшто не бил заверен во Министерството за одбрана,

„ Деталните проверки покажаа дека техничкиот аранжман, кој е клучен документ за набавката на хеликоптерите, не бил заверен во нашето Министерство. Ова претставува сериозен пропуст, и веќе започнавме истрага за да утврдиме како дошло до ваква ситуација“, изјави Мисајловски.

Документот, кој е основа за модернизација на Армијата и исполнување на НАТО стандардите, бил потпишан од поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска и од нејзиниот италијански колега, но неговата неподготвеност за административна примена може да го одложи целиот процес, објави Плусинфо.

Мисајловски увери дека процесот нема да биде запрен, нагласувајќи дека Министерството прави напори да ги исправи недостатоците и дека многу постапки биле избрзано и брзоплето направени.

„Во процес на избори се правеле пренамени, се туркале многу работи само за да се склучи овој договор.

Авансот бил исплатен веднаш пред изборите. Им се брзало. Исплатени се 39 милиони евра и толку. Потоа не била преземена никаква активност, туку само се чекало да се плати авансот. Па сега, согласно договорот, во јануари треба да исплатиме уште 35 милиони евра, но за да ги исплатиме тие средства и за да почнеме со постапките, мораме правилно и правно да му пристапиме на процесот“ изјави Мисајловски.

Овој пропуст, кој ги истакнува административните предизвици во спроведувањето крупни проекти, ќе биде предмет на темелна истрага. Мисајловски порача дека ќе се утврди дали станува збор за ненамерна грешка или за сериозен административен пропуст, со јасна порака дека одговорноста нема да изостане.

Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска не одговараше на телефонски повици на Плусинфо, но вчера кратко искоментира дека не е направен никаков пропуст.

„ Верувам дека тимот и комисијата за набавки, која е независна од министерот, постапила согласно законските прописи и процедури и дека апсолутно, договорот што е склучен и сите останати документи се правно валидни и се обврзувачки. Не го гледам како проблем тоа што договорот не е заверен, доколку сепак такво нешто е констатирано. Тоа е макотрпен процес, три години спроведуван од експерти во Министерството и во Армијата – изјави Петровска за Гласот на Америка.

Според договорот, ќе бидат набавени 4 хеликоптери од типот AW149 и уште 4 од типот AW169M.

Производител е италијанската компанија „Леонардо“, а целата набавка ќе се изведува во периодот од 2026 до 2028 година. Договорот вклучува и техничка поддршка, обука за пилоти, како и изградба на хангар за хеликоптерите.