Протестот најавен за утре во Солун, очигледно, побудил интерес и во (нај)оддалечените делови на Грција, како што е, на пример, островот Крит, од каде што вчера тргнала група од дваесетина митингаши – на коњи?!
Кога е татковината во прашање, не постојат бариери што не можат да се надминат, па нека се и водени, бидејќи патриотите од Крит решиле да им се придружат, ако треба и јавајќи, на тие што се против зборот „Македонија“ да биде содржан во името на северниот сосед.
Облечени во традиционална локална облека, тие понеле транспаренти со пораки против употребата на терминот „Македонија“, а на еден од нив пишува „Кога предавниците владеат, патриотите се виновни“.
Групата тргнала вчеравечер од пристаништето Хераклион на Крит и пристигнала во Солун утрово со брод, а меѓу нив има и традиционални критски пејачи „мадинада“.
На патот кон Солун коњаниците запреле за да се фотографираат пред зградата на Парламентот во центарот на Атина, а потоа и пред статуата на Леонидас од Термопили, местото каде што тој и неговите 300 Спартанци се кренале против Персијците во античко време.




