„Овде нема сентимент. Ако некој забележува дека ние градиме добри односи и стратешки партнери, гледаме дека и многу поважни стратешки партнери како ЕУ се повеќе погодени од Македонија” – Ова го изјави професорот Трајко Славески во однос на воведените царини од САД кон Македонија.
Според професорот има разлика во податоците: САД во табелата имаат наведено дека со нас имаат дефицит од 112 милиони долари, а ние кажуваме дека немаме дефицит и сега малку, како што вели, тоа е чудно.
– Англичаните од „Фајненшл Тајм“ утрово забележале една формула како е дојдено до овие цифри. Имено, тие дефицитот кои го прикажуваат го делат со вкупниот увоз кој го имаат од некоја земја. Така добиле 66 или 67% кај нас и тоа го делат. Тука во Македонија може да зборуваме за индиректни ефекти од царинските тарифи. Ако бидат погодени нашите најважни партнери како Германија тоа секако ќе се одрази и на нас, рече Славески.
Тој смета дека Владата мора веднаш да направи кост-бенефит анализа бидејќи САД оставија простор ако земјите реагираат, да се намалат царините.
-Она што ни се забележува дека е трговска бариера во нашиот увоз од САД да го намалиме и со тоа да им удоволиме и тие веднаш да реагираат на царините. Мислам дека тоа е можно, потенцира Славески.
Трамп го користи ДДВ како аргумент за воведување на царините, Славески смета дека тоа е голема заблуда.
– Според нив и некои аналитичари, американските производители на автомобили се во обесправена положба затоа што ЕУ има ДДВ, а тие имаат данок на промет. Стапката на ДДВ е 20% во просек во ЕУ, но во ЕУ тоа ДДВ го плаќаат и европските производители и американските. Една заблуда е што ДДВ се смета како наметната давачка како царина, а не е тоа – додаде Славески.





