Скопје „парализирано“ без градски превоз, најавени протести

Во Скопје од вчера попладне сообраќаат само 25 автобуси на гас на јавносто сообраќајно преетпријатие, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради – недостиг на гориво.



На автобуските станици на минусни температури граѓани чекаа автобус, бидејќи немаат друг начин како да стигнат на работа.

Автобусите на ЈСП престанаа да возат од вчера попладне откако немаа од каде да наточат нафта. Вработените велат дека „Пуцко Петрол“ не им носи гориво оти ЈСП Скопје има долг кон фирмата.

Од вчера попладне, граѓани на социјалните мрежи се организираат како да стигнат на работа. Во многу групи на социјалните се нудат слободни места во автомобилите и се посочува релацијата на која ќе се движат.

„Утрово и во текот на денот ако проаѓате со кола покрај автобуска станица и забележите гужвa, застанете качете некое дете или пензионер префрлете ги до школо или болница. Да бидеме луѓе, да се чуваме“,стои во една од објавите.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески информираше дека Советот денеска ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот.

Според него, Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалничката Данела Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на Град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена.

-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација, порача Славески во објава на социјална мрежа „Х“.

За утре, градоначалникот на Шутка најави протест и ги повика скопјани  да се придружат.

Протест најавија и студентите за утре во 13.30 часот, затоа, како што велат, доцнат на предавања и на испити, бидејќи нема автобуси низ Скопје, кои би ги однеле до факултетите.

Тие доставија ултиматум до Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје- Скопје и градоначалничката Данела Арсовска до крајот на денешниот ден да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студенскиот стандард.

„Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело кое претставува над 28.000 студенти при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест во петок 22.11.2024 со цел изразување на огромното незадоволството од менаџирањето на Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје- Скопје“.