Скопје, општини, избори, кандидати и внатрепартиски конфликти

Неколку дена пред официјално поднесување на кандидатските листи до Државната изборна комисија, партиите ги привршуваат внатрешните рокади и се соочуваат со сериозни внатрепартиски тензии поради незадоволството на дел од оние кои што не се избрани за кандидати или за советници.



Според партиски извори и медиумски информации во сите партии има превирања и незадоволства при изборот на кандидатите за градоначалници.

Најсложена е ситуацијата во скопската ффилијала на СДСМ каде што иако Стево Пендаровски, пратеник и поранешен претседателски кандидат води во внатре-партиските анкети, извесно е дека Петре Шилегов ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје.

Негов соперник на локалните избори се смета дека ќе биде искусниот Коце Трајановски, со два мандати зад себе како прв човек на главниот град.

ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода го кандидира пратеникот Јохан Тарчуловски,  осуден за воени злосторства во конфликтот на 2001 година. Негов противник  од СДСМ се очекува да биде генералниот секретар на партијата, Филип Темелковски.

Екс министерот за транспорт, Владо Мисајловски се очекува да ја води трката за општина Ѓорче Петров, додека актуелниот градоначалник, Сокол Митревски не се исклучува да настапи како независен кандидат.

СДСМ во Ѓорче Петров го планира  Александар Наумовски а во општина Бутел, актуелниот претседател на општинскиот совет Боби Бојчевски од ВМРО – ДПМНЕ можно е да го замени актуелниот градоначалникот Петре Латиновски.

Во општина Гази Баба, Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против Борче Ѓорѓиески од СДСМ, а во Аеродром сега веќе е сигурно дека во трката ќе влезат Златко Марин од СДСМ и сегашниот прв човек на општината, Ивица Коневски.

Името на актуелниот директор на Градски Паркинг, Саша Богданович  се спомнува како кандидидат од СДСМ за најатрактивната, општина Центар, додека актуелниот градоначалник Андреј Жерновски, без поддршка од партија – не се исклучува да проба да си ја задржи фотељата како независен кандидат. Сепак извори во СДСМ велат дека сеуште постои можност партијата својата подддршка да му ја даде на Жерновски.