„Немаме конкретни мерки за аерозагадувањето“, рече Горјан Јовановски на седницата на Советот на Град Скопје, кога на дневен ред беше иницијативата на советничката група „Хуман зелен град“ за преземање мерки за заштита на квалитетот на воздухот во Скопје. .



Тој нагласи дека Град Скопје вели дека на многу места не се надлежни и дека други институции мора да постапуваат во одредени точки, со кои оваа советничка група не се согласува.

„…ерозагадувањето не е проблем на една институција. Тоа е заедничка борба на сите. Ако според последните проценки во Македонија годишно умираат пет илјади луѓе од аерозагадување, мислам дека е правилно да не се каже дека нема надлежност“, нагласи Јовановски, барајќи конкретни чекори.

Советникот од СДСМ Гордан Шутаров рече дека овој проблем треба да ги засега сите и соработката да биде мултисекторска.

Независната советничка Ирена Витина рече дека ја поздравува активноста на Јовановски, но дека Градот и Советот не можат да наредат некои институции да преземат нешто, туку можат и имаат иницијативи, како онаа за предложениот закон за општинска полиција.

„Не можам да се согласам дека Град Скопје не презема никаква заложба и иницијатива“, подвлече таа.

Претседателот на Советот, Трајко Славески, рече дека сите треба да го имаат предвид ова прашање во однос на квалитетот на воздухот, кое ги засега сите.