Сиљановска- Давкова: Нам никој не ни ја подари државата, сами се изборивме за неа

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, што под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност. 



Во рамки на Свечената академија настапи Воениот оркестар на Армијата со сплет на македонски патриотски и партизански песни. Давкова порача дека херојската борба против фашизмот е она што не сплотило и ни дало легитимитет како народ за самоопределување – 11 октомври е меѓникот што ја одреди нашата иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, порача Претседателката.

  • Херојската борба против фашизмот нè сплоти, нè прероди и ни даде легитимитет како народ да се самоопределиме и да создадеме слободна македонска држава на Првото заседание на АСНОМ. Како еден од најголемите демократски триумфи на човештвото, антифашизмот ни овозможи на историската сцена да настапиме рамноправно и со чиста совест да учествуваме во обновата на разрушениот свет. Не случајно, македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години. Нејзината сегашност и нејзината иднина се сраснати со нејзиното минато.Нас никој не нѐ ослободи. Сами се ослободивме со помош на над 110-илјадната Народноослободителна војска на Македонија. Нам никој не ни ја подари државата. Сами се изборивме за неа. За нас, антифашистичката беше и истовремено и народноослободителна војна во која дадовме 24.000 жртви.
  • Затоа, ние не смееме да дозволиме историски ревизионизам и релативизирање на народноослободителната и антифашистичка борба, бидејќи со тоа би се поткопале илинденските и антифашистичките темели врз кои е изградена македонската држава. Со тоа би се обезвреднила жртвата на илјадници млади борци кои несебично гинеа за слободата и правдината. Ние тоа не смееме да го дозволиме – рече претседателката.

    Како партизанска ќерка многу добро знам дека мојот татко и неговите соборци, во нерамната борба со фашистичкиот окупатор имале две оружја. Првото била пушката. Второто било песната. Некои од најважните битки во народноослободителната војна биле добиени со револуционерните песни што им давале храброст на борците да ја окрупнуваат слободната територија, да го изодат Февруарскиот поход и да ја создадат асномска Македонија. Една од најпопуларните била токму песната што беше изведена на почетокот на денешново чествување.

    Напишана од Владо Малески и прв пат испеана во Струга на преминот од 1941-та кон 1942-та година, „Денес над Македонија се раѓа“ ја симболизира незапирливата борба за правда, го опева континуитетот со Илинден и ја навестува слободата на Македонија, додаде претседателката.

    Според претседателката од денешен аспект, може да се каже дека во химната, во зборовите „Македонците се борат за своите правдини“ ни е сумирана и независноста. Борбата за нашите правдини продолжува.

    Како што партизаните се бореа против фашистичката окупација, така и ние секојдневно треба да се бориме против неправдите на нашето време, против социјалната неправда и сиромаштијата, против корупцијата и непотизмот. Треба да се бориме против неправедните препреки и блокади на нашата европска интеграција, но и против обидите за кривотворење на нашата историја и бришење на нашата колективна меморија. Ние мора постојано, секојдневно да се бориме за слободата и за правдата, бидејќи народот што не се бори, однапред изгубил.

    Притоа, НИЕ и НАШЕ ниту е, ниту смее да биде сведено на која било етничка, верска, или идеолошка категорија. Прочитајте ги манифестите и прогласите на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и ќе видите дека тие се упатени до Македонците, до Албанците, до Турците, до Власите, до Србите, до Ромите и до сите други. Погледнете ги спомениците на кои се врежани имињата на борците и ќе го забележите соживотот во борбената акција. Фрлете поглед врз учесниците на АСНОМ и ќе ја видите Македонија во мало, со сета нејзина етничка, верска, социјална и идеолошка различност. Македонците кои се борат за своите правдини не се само етничките Македонци, туку и сите македонски граѓани кои ја доживуваат и ја сакаат оваа земја како своја татковина. Сите оние кои сакаат нивните деца, нивните млади да не се иселат во туѓина, туку да останат тука, во својата татковина, за да работат, да основаат семејства и да градат иднина.

    Како и пред повеќе од 80 години, така и ние денес живееме во период на големи премрежја што можат да се пребродат само со храбри одлуки. Во светот повторно има војни и страдања, и тоа во региони што се блиску до нашиот. Нашите предци се сплотија за заедно да го постигнат она што не можат да го постигнат засебно – слободна македонска држава, втемелена врз праведни идеали. И ние треба да ги оставиме меѓусебните делби и да се сплотиме околу нашата борба, која веќе не е борба за политички слободи, туку за просперитет на државата и нејзините македонски граѓани. Така ќе изградиме иднина за младите во праведно и прогресивно македонско општество.

    Само ако Македонија ја градиме како пристојно место за живеење на сите нејзини граѓани, ќе можеме со право да кажеме, да пееме дека навистина, таа е слободна и дека слободно живее, додаде Претседателката