Сиљановска Давкова и Вал за Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го примила Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.



Меѓу другите теми на средбата се разговарало и за промени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

Амбасадорот ја запознал претседателката со планираните активности на Мисијата во 2025 година, посочувајќи ги, како приоритетни следните области: владеење на правото, основните човекови права и социјалната кохезија, доброто управување, младинските политики и родовата еднаквост.

Претседателката го информирала Вал за новоформираните тела: Советот за безбедност, Советот за млади, Комисијата за помилување и Комисијата за доделување одликувања и признанија. Објасни дека при номинацијата, најпрво се водела од компетентноста, стручноста и интегритетот, без да ги запостави правичната и соодветна застапеност, како и половата и родовата димензија.

Исто така, Сиљановска Давкова му ја презентирала нивната досегашна успешна работа и можноста за взаемна соработка за прашања во кои веќе се соработувало но и во нови области.

Соговорниците се согласиле дека е добро, час поскоро, измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија да се најдат на дневен ред на Собранието.

Исто така, претседателката и амбасадорот размениле ставови и се усогласиле околу моделот и форматот на одбележувањето на „Осми Март – Денот на жената“.

Средбата завршила со изразена спремност за организирање заеднички активности, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.