Пишува Драган Милосављевиќ
Не сум експерт за Сирија, за тоа треба многу поинакви методи и подобри можности од оние кои јас ги поседувам ( а експерти кај нас имаме, фала му на Бога доволно и без мене), но интензивно ја следам граѓанската војна во таа земја од самиот почеток во пролетта 2011 година, па затоа се осмелувам еве да напишам нешто. Прво малку факти. Сирија е комплексна земја со огромна и богата историја, напатена од странски освојувачи, колонијално ропство, етнички и религиозни несогласувања, домашни деспоти и несреќна географија. Слична како нашата, балканска, проклета, погубна.
Побуната против Башар ал Асад, како дел од Арапската пролет дури да трепнеш од улични протести се претвори во крвава граѓанска војна, една од најсуровите во 21 век. Ревносните следачи во текот на годините ги научија имињата на сите градови, гратчиња и села во Сирија, каде што се одвиваа битки меѓу владините сили од една и цела плејада различни формации, меѓу нив и многу класични терористички, од другата страна. Опсадата на Деир ер Зор, падот на древната Палмира, уништувањето на Хомс, долгогодишните улични борби во Алепо, сето тоа проследено со масовни убиства на цивили, бегалска криза, сечење на глави пред камери и слични ужаси, ја уништи Сирија како држава многу пред бекството на Асад од разурнатаа и опљачкана претседателска палата во Дамаск.
Претседателот Башар ал Асад всушност беше на работ на пропаста во неколку наврати, кога бунтовниците влегуваа во предградијата на Дамаск и само чудо и веројатно верноста на неколку елитни дивизии го спасија да извлече жива глава прво во 2011, пa и во годините што следеа. Во меѓувреме во војната, секој на свој начин и за свои цели, се вклучија регионални и глобални актери. Иран испрати „советници“ а всушност војска да му помогне на Асад. Турција удираше на сириските Курди а формираше и единици под сопствена контрола на територијата на Сирија. САД, помагајќи им на Курдите зазедоа неколку важни области (таму каде што извира сириската нафта), понатаму Израел против кого со децении е насочена „Осовината на отпорот“ а во која Сирија имаше централна улога, Британија, Франција и конечно Русија. Путин во еден момент испрати авиони и бродови во сириската покраина Латакија, специјани советнции во Дамаск и практично направи пресврт во војната помагајќи му на Асад да надвладее.
Со текот на времето владините сили ги повратија и Хомс и Алепо и Хама како и цела низ големи градови под своја контрола, а бунтовниците беа стиснати во покраината Идлиб, додека Курдите со американска поддршка продолжија да контролираат големи територии на североистокот на земјата. Некаде до 2019 година големите битки завршија, Асад контролираше две третини од земјата и започна дипломатски напори за враќање во Арапската лига од каде беше набркан на почетоот на војната. Башар надвалдеа, но не победи целосно, што се покажа кобно за него и неговата власт тому во последните две недели. Имено, после 4 до 5 години релативен мир, веднаш по завршувањето на изралеските операции против Хезболах (организација сојузник на Асад) бунтовниците од Идлиб започнаа напад без преседан и ја разбија Сириската армја како дете играчка. Алепо падна за нецели два дена (за споредба огромните армии на Русија и Украина се борат за некакво селце по половина година, а Алепо има два мииони жители), потоа Хомс, па Дараа, Хама, а метрополата Дамаск не издржа ни неколку часа од моментот кога противнците на Владата се појавија во предградијата.
Претседателот „се изгуби“, Иран ги спакува дипломатите и воениот персонал, Русите се повлекоа во своите бази на Медитеранот и Сирија после 53 години власт на семејството Асад, преминува во некоја друга стварност. Каква, ќе видиме бидејќи водачот на опозицијата, фамозниот Ал Голани сега се претставува како умерен бунотовник иако беше дел од Ал Каеда па дури и западните земји го нарекуваа терорист. Сега тој ветува дека нема да има колежи, дека правата на сите многубројни етнички и религиозни заедници ќе бидат заштитени, дека ќе гради дипломатски односи со сите и се во тој правец, но примерите со Талибанците, со Либија или Ирак не се баш ветувачки. Башар Ал Асад според европски стандарди беше диктатор, според блискосточни дури и полиберален од останатите меѓу кои и неговиот татко Хафез, од кого ја презеде власта во 2000 година. Од разговорите кои сум ги водел со неколку Сиријци, а и од она што можеше да се разбере на интернет, во Сирија се одело во затвор а понекогаш се губело и глава ако си против владејачката каста, но не само затоа што си од онаа или оваа религија, нација, боја на кожа и т.н. Асад е припадик на алавитското малцинство и Алавитите имаа клучни места во неговата влада, но таму, исто како и во војската имаше и Сунити, Шиити, Христијани, Друзи на највисоки позиции. Војската, барем главината му остана верна цели 13 години и важно прашање на кое ќе се бара одговор во времето пред нас е зошто токму сега офицерите и војниците му го свртеа грбот и практично одбија да се борат против истите оние со кои војуваа релаивно успешно повеќе од една деценија.
Како и да е, Асад замина а Сирија останува да битисува со сите свои противречности, непријателски расположени соседи, крваво наследство и геополитчки играчи кои ќе продолжат да ја поткусуруваат. Древната земја поминала се и сешто во вековите зад нас, па и посакувам да преживее и сега. Во име на огромното наследство кое таа и го дала на човечката цивилизација. Верувам дека заслужува!





