Сириските бунтовници се приближуваат кон Дамаск

Командантот на сириските бунтовнички сили Хасан Абдул Голани денеска изјави дека бунтовниците го зазеле градот Санамаин, на околу 20 километри од јужната порта на Дамаск.



Во изјава за „Ројтерс“ двајца неименувани членови на бунтовничките сили изјавиле дека нивните сили ја презеле контролата врз градот Кунеитра во близина на границата со Израел. Во исто време, неименуван офицер на сириската армија го потврдил за британската агенција повлекувањето од Кунеитра, во сирискиот дел на Голанската висорамнина.

Рано утринава, бунтовничките сили го зазедоа градот Дара, четврти што претседателот Башар ал Асад го загуби во последните седум дена.

Бунтовниците вчера соопштија дека напредуваат кон Хомс, клучниот град на патот кон брегот, со што ќе ја прекинат врската на Дамаск со енклавите на Асад покрај морето.

Освен тоа, коалицијата на сириските курдски борци, поддржана од САД, вчера го зазеде градот Деир ел Зор на истокот на земјата, додека бунтовниците веќе ги зазедоа Алепо и Хама.

Експертите предупредуваат дека режимот на претседателот Асад сега е во сериозна опасност, бидејќи неговите сојузници како Русија и Иран се ослабени во последните месеци.