Најновиот предлог на синдикатите се темели на пресметките дека стандардот на работниците дополнително се намалил последната година и предлагаат минималната плата наместо 450 евра колку што бараа досега да изнесува 500 евра.
Работодавачите не се согласуваат да се лицитира со износот на минималната плата.
Владата го повтори ставот дека ќе прифати сѐ што ќе договорат синдикатот и работодавачите.
Синдикатот планира предлогот да го достави до Владата и очекува за него повторно да се разговара на Eкономско-социјалниот совет во март до кога ќе треба да се утврди репрезентативноста на синдикатите која истекла во декември лани.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера го повтори ставот на Владата дека ќе биде поддржан секој износ на минимална плата кој ќе го договорат работодавачите и синдикатите. Ако нема договор тогаш ќе важи законски пресметаниот износ на минимална плата.
„ Минималецот може да се донесе и во март, бидејќи се исплаќа во почетокот на април. Ако се заврши со договор меѓу работодавачите и синдикатот, нема никаква дилема“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.






