Со традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2024 година, францускиот поет Жан Пјер Симеон, вчеравечер, на 24 август 2024 година, продолжи 63-тото издание на оваа меѓународната поетска манифестација во црквата „Света Софија“ во Охрид. Со својата светски врвна поетска манифестација „Струшките вечери на поезијата“ 2024 Македонија повторно ги афирмира и ги возвеличува ширум светот македонскиот јазик, македонскиот културен и национален идентитет, високите вредности и дострели на македонската поезија. Годинешниот лауреат Жан Пјер Симеон во своето обраќање во црквата „Света Софија“ нагласи дека поезијата е најуниверзалниот и најпостојан јазик на човештвото и есперанто на човечката душа. Инаку, Жан-Пјер Симеон е поет, драматург и есеист. Како професор по модерна литература има објавено повеќе книги поезија, романи, книги за деца и театарски претстави. Предавал на Универзитетскиот институт за обука на наставници (IUFM), Националната школа за театарски уметности и техники (ENSATT) и Институтот за политички науки во Париз, во Франција.
„Постојат јазици, култури, традиции, верувања, а неприкосновено, над сите нив е песната, која секогаш и секаде го преставува зборот на самиот народ, на човештвото, кое секаде и отсекогаш имало исти соништа, исти болки, исти прашања, исти желби и, и покрај сè, секогаш ја имало истата нестивната жед за животот. – рече Жан Пјер Симеон, покрај другото, вчера во Охрид.
Лауреатот истакна дека Македонија е голем негувател на пишаниот збор. „Песната е срцето на животот што бие, а Струга, во срцето на илјадалетната Европа, е срцето на поезијата што бие. Изразувам благодарност за огромната чест, што ми е направена, но, исто така и во името на сите поети кон оние, кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата.“ – посочи Жан Пјер Симеон.
Претседателката на Управниот одбор, книжевната теоретичарка Елизабета Шелева во својата беседа нагласи дека сите едногласно се приклониле кон името на Жан Пјер Симеон при изборот на нов лауреат годинава. „Поезијата на Симеон ги има зад себе благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската поетска традиција.“ – истакна Шелева, покрај другото.
Македонскиот писател, драматург и амбасадор, Јордан Плевнеш укажа дека целото поетско, театарско и есеистичко дело на Симеон е крунисано во „Света Софија“. „Жан Пјер Симеон, вие со вашата поезија направивте интимна поетска револуција, бидејќи ги напишавте вашите книги, чие ехо се шири по меридијаните, како што се ‘Политика на убавината’ ‘Теорија на љубовта’ и во време, во кое се водат крвави војни од Украина до Газа, ја напишавте бесмртната книга со наслов ‘Поезијата ќе го спаси светот’. Во една од вашите последни книги, која не случајно ја насловивте ‘Станете од гробовите’, вашата уводна песна е ‘Поезијата треба да владее со светот!’. Сега со тој наслов ‘Станете од гробовите’, ги повикуваме сите бесмртни француски поети да бидат со вас, овде во ‘Света Софија’: и Франсоа Вијон и Шарл Бодлер и Виктор Иго и Рене Шар и Анри Мишо, но и чудото на француската и светската поезија Артур Рембо, за кого пред неколку години еден европски книжевен историчар тврди дека поминал низ Македонија на неговото последно патување без враќање! Сега вие сте блиску до неговите траги.“ – истакна Плевнеш.





