Поранешниот министер за здравство Венко Филипче е избран за нов претседател на СДСМ со 9.052 гласа по преброени 95 проценти од вкупно пријавените членови на партијата за внатрепартиското изјаснување за наследник на Димитар Ковачевски по дебаклот на неодамнешните претседателски и парламентарни избори.
Втор е Јован Деспотовски со 2.705 гласа, Александар Бајдевски доби 905, за Славјанка Петровска, која се откажа од трката непосредно пред почетокот со обвинување за нерегуларности, гласаа 190 сопартијци, а 174 ливчиња се неважечки.
„Оваа победа за мене претставува огромна одговорност кон вас членовите на СДСМ, кон сите граѓани и кон нашата држава. Вечерва во СДСМ победи професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето како мои основни вредности по кои ќе работи и функционира Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Моја цел е да ги вбризгам во СДСМ принципите кои ме водат во мојот личен и професионален живот. Принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација се оние кои ќе ја одликуваат СДСМ под моето раководство.
Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Малку имаме за славење. Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува“, изјави Филипче по изборот.






