Насер Селмани, претседател на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ), ја обвини Владата за воведување цензура со озаконувањето на новинарската етика во предлог-законот за медиуми.
„Велите дека поддржувате саморегулација во медиумите, а со членот 61 сакате да ја озаконите новинарската етика со казни од 5.000 евра за медиумот и 1.500 за одговорното лице. Тоа е воведување цензура“, порача тој на денешната јавна дискусија за предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.
Селмани го искритикува и намалувањето на буџетската поддршка за јавниот радиодифузен сервис во однос на најавената минатата година.
„Не ви пречеше во 2016 година да поддржите 1 процент од буџетот за Јавниот сервис, а сега предвидувате 0,7 отсто од буџетот. Ако Македонска радиотелевизија има долг од 30 милиони евра, како планирате со 15 милиони евра годишно да отворите нов канал на МРТВ, да ја опремите, да исплатите плати за вработените?“, праша тој, додавајќи дека предвидените средства не се доволни за основните потреби, а камоли за дигитализација.





