„Вметнувањето на Бугарите во уставот на Македонија нема да го наруши идентитетот на македонскиот народ! Мицкоски бара признавање на Македонците во Бугарија, но како земја-кандидат, С.Македонија нема рамноправна позиција со Бугарија како членка на ЕУ. Мицковски знае дека не може да ја предизвикува бугарската политика, но ѝ дава на својата влада националистичко оправдување да ги одложи преговорите со ЕУ.“ – со овие небулозни ставови се огласува новинарот Насер Селмани во својата колумна со наслов „Блокирајќи ја евроинтеграцијата, Мицкоски ја чува заробената македонска држава“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“. Во своето писание авторот изнесува во јавноста бесмислени и неодржливи погледи на евроинтеграцијата на Македонија, отворајќи дилема: дали тој можеби, свесно, или несвесно, застапува позиција на официјална Бугарија, која е против државата, во која тој живее и работи? Заштитата на македонските државно-национални интереси за колумнистот е „националистичко оправдување да се одложат преговорите со ЕУ“ и „предизвикување на посилната Бугарија, која е членка на ЕУ, од страна на „нерамноправната С.Македонија“! Авторот на колумната оди чекор натаму во оваа небулозна позиција и тврди дека поради тоа што Македонија „не е членка на ЕУ“, Мицкоски „не може да бара од посилната Бугарија признавање на Македонците во Бугарија“?! Авторот на колумната споменува „силна меѓународна интервенција“, после која било можно „зачленувањето на НАТО“, мислејќи на насилното наметнување на „Преспанскиот договор“. Но со тоа отвора уште една сериозна дилема: дали можеби индиректно, или директно, заговара иста таква насилна промена на уставот на Македонија и дури на на таков начин впишување на Бугарите во него?!
Покрај другото, Насер Селмани во колумната наведува: Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да се повлече од својот став против уставните измени без официјално признавање на македонското малцинство од страна на Бугарија. Овој став, иако стар, доби поинаква форма: од заштита на македонскиот идентитет, се префрли кон барање реципроцитет во правата на малцинствата.Претходно, владата користеше медиумска пропаганда за да го претстави вклучувањето на Бугарите во Уставот како закана за националниот идентитет. Но, сега стана јасно дека овој аргумент не опстојува пред меѓународните фактори, бидејќи признавањето на едно малцинство не го нарушува идентитетот на една нација.
Денес, Мицкоски бара признавање на Македонците во Бугарија, но како земја-кандидат, Северна Македонија нема рамноправна позиција со Бугарија како членка на ЕУ. Барањето услови кон земја-членка е нереално и служи повеќе за внатрешна употреба, отколку за постигнување конкретни резултати. Мицовски знае дека не може да ја предизвикува бугарската политика, но ѝ дава на својата влада националистичко оправдување да ги одложи преговорите со ЕУ.
Овој недостаток на волја беше виден и во процесот на зачленувањето во НАТО, но тоа се случи само по силна меѓународна интервенција. Сега владата не покажува подготвеност да ги исполни обврските од преговарачката рамка со ЕУ, ставајќи ја земјата во неволја и создавајќи сомнежи за нејзината посветеност на европската интеграција. Владата се оправдува поради тоа што Бугарите не се вклучени во Уставот. Земјата е претставена како жртва на невиден процес на решавање на спорови со соседите. Но, примерите на Хрватска и Словенија покажуваат дека кога постои политичка волја се наоѓаат решенија, дури и кога станува збор за територијални спорови.
Друга лажна теза, присутна во владината реторика, е дека ЕУ е неправедна кон С.Македонија. Всушност, универзално е признато дека ниедна земја не може да се приклучи на ЕУ без решавање на билатералните спорови. Ако една земја не е во можност да ги реши проблемите со своите соседи, како може да придонесе за заедница што функционира врз основа на консензус?
Македонските политички елити не сакаат европска интеграција, бидејќи голем дел од Македонците се веќе граѓани на ЕУ преку бугарско државјанство. Повеќе од 150 илјади Македонци имаат бугарски пасош, многумина од нив веќе ги уживаат придобивките од ЕУ. Тие работат, студираат во различни европски земји, исто како и сите европски граѓани. Остатокот од земјата, преку раширена институционална корупција, се збогатува во рамките на сегашниот систем. Единствените, кои имаат искрени причини да бараат членство во ЕУ, се мнозинството Албанци, малцинството Македонци и другите етнички заедници, кои сè уште се соочуваат со брутална дискриминација. – изнесува на крајот од ова свое писание колумнистот.






