„Ако инсистира македонската политика на донесување национален закон, кој ќе ги дискриминира Албанците, тогаш тоа ќе биде ограничување и газење на нивните општи човекови права, како и газење на законодавството на * Македонија. Но, Албанците учествуваат со повеќе од 80 отсто во државниот буџет и затоа нивните права не можат да се газат! Гласањето со 61 пратеник во Собранието за Илире Даути, која е веќе разрешена со тоа, ќе мора да им ја алармира совеста на албанските политичари, за да заклучат дека оваа држава не може да функционира еднострано!“ – изјави Башким Селмани, професор по право во Правниот факултет на државниот Универзитет во Тетово. Неговите тврдења ги пренесе ТВ Клан Македонија во својата информација со наслов „Селмани: Од процедурален аспект со 61 глас Илире Даути е разрешена – Албанците учествуваат со 80 отсто во буџетот, нивните права не можат да се газат!“.
Телевизијата објави: За професорот по право Башким Селмани гласањето на 61 пратеник за барањето за отповик на Илире Даути процедурално значи дека е разрешена од функцијата. „Со над 61 глас таа е разрешена, таму процедурално нема за што да се расправа. Во тие гласови ВМРО ДПМНЕ постои, напоредно со коалициите ги има тие бројки, не е проблем ниту бројот, ниту гласот. Но гласањето за таков процес не го решава проблемот, туку напротив, ќе мора да им ја алармира совеста на албанските политичари, за да заклучат дека оваа држава не може да функционира еднострано.“ – посочува Селмани.
Според него, „ако инсистира македонската политика на закон, кој може да дискриминира одредена нација, тогаш тоа би било директно газење на општите човекови права и на правото на * Македонија“. „Нормално е дека не можеме да донесеме национален закон, кога тој ист закон ќе ги дискриминира и ќе ги ограничува правата на друга националност, што е во спротивност и со општите права и со законодавството на * Македонија. Во овој случај, реторичката одбрана на Илире Даути заслужува највисоки оценки.“ – вели Башким Селмани.
Селмани нагласи дека и покрај можноста таков закон да помине во парламентот, неговото влијание ќе биде запоставливо, со оглед на фактот што Албанците учествуваат со повеќе од 80 отсто во државниот буџет и оти нивните права не можат да се газат – објави ТВ Клан Македонија.





