Поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев, бил ставен на „црната листа“ на САД поради иницијативите за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, тврди Зијадин Села, во интервју за неделникот „Фокус“.
Лидерот на отцепеното крило на Алијанса за Албанците и пратеник од Европскиот фронт тврди дека тоа се случило откако проструи една информација по медиумите дека треба да се направи коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со исклучување на ДУИ.
„Меѓународниот фактор” сакал да покаже дека идејата за исклучување на ДУИ е неприфатлива, тврди Села за „Фокус“.
„Имаше информација и за средби меѓу Заев и Мицкоски, со олигарси внатре. После овие информации Кочо Анѓушев беше ставен на црна листа.
Кога веќе јасно се покажа од страна на меѓународниот фактор дека таква идеја е неприфатлива, бидејќи ќе удира врз стабилноста на државата, а за целта зошто тие го правеа тоа, немам информации, но претпоставувам дека се работи за бизнис зделки“, вели Села.





