На прашањето дали Алијанса за Албанците самостојно ќе настапува на претстојните претседателски и парламентарни избори и дали ќе има свој кандидат за претседател на државата, ново-стариот претседател Зијадин Села, по вчера одржаниот конгрес, рече дека одлука за тоа ќе носат Централното собрание и Централното претседателство, а медиумите навреме ќе бидат известени за тоа.
„Денеска е денот кога Алијанса за Албанците се враќа во структурите и се враќа себе си. Последните месеци за жал Алијанса за Албанците беше пазар за поткусурување за други политички партии.
Во тоа е и одговорот зошто не се свикаа органите на партијата – Централното претседателство… Од денеска се враќаме на органите на партијата, почнувајќи од Централното собрание, Централното претседателство каде ќе имаме одлуки за кои ќе бидете известени“, изјави вчера Села.
Во петокот во Скопје конгрес одржа крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари, а тој беше реизбран за претседател на партијата.
Вчера пак на вториот конгрес на АА во само три дена, Зијадин Села беше избран за претседател.
Расколот во партијата почна откако Таравари објави дека ќе ја поддржи албанската опозиција на изборите, а Села рече дека партијата не е консултирана и дека тие ќе одат на избори самостојно.






