Секој украден денар ќе биде вратен во државната каса – Тошковски со порака за Нова година

Почитувани македонски граѓани, во текот на изминатава година, уште од првиот ден од преземањето на одговорноста, максимално посветено, професионално и транспарентно се ангажиравме во решавањето на затекнатите ситуации и заедно постигнавме значајни успеси. Ги идентификувавме пропустите и веднаш презедовме мерки со кои ја вративме довербата на граѓаните. Нема повеќе да се наруши достоинството никому, на ниеден граѓанин. Во таа насока, секојдневно продолжуваме со унапредување и со модернизација на услугите и на процесите, со цел креирање побрзи и поефикасни решенија и услуги за сите македонски граѓани. Затоа вложуваме и посветено градиме полиција која ќе биде модерна, опремена, обучена и спремна да одговори на сите предизвици. Безбедноста и достоинството на граѓаните се наш најважен приоритет“.



Ова го рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во неговата честитка за Новата година.

– Заврши времето на „како досега“ кога неправдата и криминалот остануваа неказнети и ве уверувам дека никој во иднина нема да го краде македонскиот народ без притоа да одговара пред истиот. Верувам дека делата и бројките, што ги остваривме, сами говорат за нашата одлучност во борбата со криминалот и со корупцијата кои го разоруваат општеството и ја нарушуваат благосостојбата на граѓаните. Нашата порака е јасна. Секој што ќе се огреши пред законот, ќе биде изведен пред лицето на правдата, а секој еден украден денар ќе биде вратен во буџетот на граѓаните – додаде министерот за внатрешни работи.

Во новата 2025 година, вели тој, на прагот на новите надежи и на новите цели, искрено посакувам сите заедно посветено да работиме на обезбедување на мир, стабилност и просперитет. Да изградиме систем кој ќе гарантира поголема сигурност, потенцира министерот, правичност и транспарентност за секој граѓанин да се чувствува вреден и заштитен. И можеби најважно од сѐ, да почнеме да ги почитуваме и да ги имплементираме цивилизациските вредности кон кои се стремиме, порачува Тошковски.

– Да продолжиме да бидеме горди на нашето културно и историско наследство, македонската култура, македонскиот јазик и на сите обележја на македонскиот идентитет со кој се прикажуваме пред големото европско семејство и пред целиот свет. Само така, почитувајќи ги и прифаќајќи ги сите различности, едни на други, ќе им овозможиме напредок и благосостојба на сегашните, но и на идните генерации. Драги македонски граѓани, драги Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби и сите граѓани на нашата Македонија, убаво да ги поминете новогодишните празници и од срце ви посакувам мир, здравје и благосостојба на вас и вашите најблиски. Нека ви е среќна нова 2025 година! – вели министерот во неговото обраќање по повод честитање на Новата година.