Секој трет граѓанин или 35.2 проценти размислуваат да се иселат од Македонија. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење, кое го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје за емисијата Детектор. Прв избор за дестинација за иселување е Германија. Најголем интерес да се иселат од земјата имаат луѓето на возраст од 30 до 50 години со завршено високо образование. Притоа секој втор сака да си ја побара среќата надвор од Македонија, Ова го покажуваат подробните анализи на бројките.
Меѓу анкетираните испитаници 15,9 проценти изјавиле дека причина што сакаат да се иселат се платите, а веднаш зад нив се оние, кои велат дека причина се подобрите можности за децата, подобро здравство, подобро образование и инфраструктура.
Прв избор за дестинација е Германија, која ја избрале 11,8 проценти од испитаниците, Швајцарија со 6.9 проценти и Словенија со 5.2. Скандинавските држави и САД се избор на нешто над 3 проценти испитаници. Дека со сигурност ќе се иселат од државата во следните 5 години одговориле 10 проценти од испитаниците.
Дури 64,9 отсто од испитаниците велат дека имаат свој близок, кој веќе се преселил во странство, а 70 проценти од испитаниците сметаат дека споредено со периодот пред 5 години степенот на иселување се зголемува. Истражувањето за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје со телефонска анкета, спроведена од 24 до 26 јануари оваа година на репрезентативен примерок од 1033 испитаници од цела Македонија.





