Единаесет проценти од 346.298 муслимани во Швајцарија по потекло се од Македонија, покажуваат податоците на тамошнaта Федерална канцеларија за статистика (БФС).
Побројни од македонските муслимани во земјата на чоколадото, на сирењето и на часовниците се само домицилните швајцарски, кои во вкупниот број учествуваат со 35,9 проценти, потоа тие од Косово со 16,8 отсто, како и од Турција со 11,7 отсто.
Муслиманите од Балканот се побројни од Швајцарците со исламска вероисповед, учествувајќи со 37,3 отсто во вкупниот број. Покрај тие од Косово и од Македонија, во тој процент спаѓаат и исламските верници од Србија (5,5 отсто во вкупниот број) и од Босна и Херцеговина (4 отсто).
Од земјите-членки на Европска унија доаѓаат 3,9 проценти од муслиманите во Швајцарија, од Северна Африка 3,3 отсто, од Далечниот Исток 3,1 отсто, од Супсахарска Африка и од Централна Азија по 2,1 отсто и од Источна Азија 0,6 отсто.
Од вкупниот број на швајцарското население муслиманите опфаќаат 5,1 процент.
„Од 1970 година бројот на муслимани во Швајцарија е зголемен за 32 пати. Особено драматичен беше растот во 1990-тите, кој главно се должеше на дезинтеграцијата на Југославија, бидејќи речиси секој трет муслиман што живее во Швајцарија доаѓа од Балканот, повеќето од Косово и од Македонија“, пишува весникот „Блик“.
„Речиси три четвртини од муслиманите се емигранти од прва генерација. Повеќе од половина од муслиманите во Швајцарија се помлади од 34 години, а 30 отсто од другата половина се помеѓу 35 и 49 години.
Околу 80 отсто од муслиманите живеат во градовите. Секој петти муслиман живее во кантонот Цирих, но и во другите урбани кантони, како што се Аргау, Берн, Сент Гален, Солотурн, Ваад и Женева живеат релативно многу муслимани.
25 проценти се опишуваат како многу религиозни, а околу 35 отсто од муслиманите велат дека едвај или воопшто не се религиозни. Дванаесет од секои 100 муслимани велат дека присуствуваат на служба барем еднаш неделно и се молат неколку пати на ден“.





