Седумдесет проценти од Грците не сакаат северниот сосед да го користи зборот „Македонија“ во своето државно име, покажуваат резултатите од анкетата на агенцијата „Интервју“.
За 62 отсто од анкетираните е неприфатливо ни сложено име што ќе го вклучува терминот „Македонија“, дури и ако соседот ги промени или ги отфрли „иредентистичките ставови“ во својот Устав и во учебниците, кои, според Атина, кријат територијални претензии кон Грција.
Осумдесет отсто од учесниците во истражувањето на јавното мислење се согласуваат со митинзите за Македонија во земјата, а секој деветти од десет Грци не веруваат во официјалните податоци на грчката полиција за посетеноста, според кои во Солун имало 90.000, а во Атина 140.000 луѓе.
Само 31 отсто од Грците, пак, знаат за наводното постоење на грчко етничко малцинство во Република Македонија.




