„Северна“ и етноцидниот „Преспански дух“ мора да умрат, за да продолжи да живее Македонскиот дух!

Пишува: Свето Тоевски



Зборот „етноциден“ од насловот на оваа анализа значи убивање на народ духовно, идентитетско, цивилизациско, во поимот, а токму тоа го прави злогласниот „Преспански договор“ со македонскиот народ веќе седма година по ред, откако беше потпишан на денешен ден. „Преспанскиот договор“ идентитетски и духовно ги убива и нашите претци во нивните гробови, ги убива и нашите се уште неродени потомци, се уште незалулани во нивните колепки! Токму затоа, покрај сите досегашни меѓународни и геополитички стратегиски партнерства македонскиот народ преку своето државно-политичко раководство мора да оствари самиот стратегиско партнерство, најблиска и целосна поврзаност, најпрвин со своите претци од минатото и со своите потомци од иднината и врз основа на ова да го фрли „Преспанскиот договор“ на ѓубриштето на историјата. Етноцидниот „Преспански дух“ мора да умре, за да се врати во живот Македонскиот дух и да продолжи да живее со сиот свој сјај, како што и му прилега на еден народ, на македонскиот, со сета негова пребогата засебна и автентична македонска историја, со неговиот единствен македонски идентитет. Мора да биде разурната до темел „Преспанската пештера“, во која е фрлен во најдлабоките и најтемни длабочини македонскиот идентитет и е закован со најтешки пранги, и оттаму да се извади да блеска на светлината на Сонцето од Кутлеш! Франкештајнската „идентитетска одредница“ „северна“ мора да биде трајно изгонета и забранета за употреба од политичкиот и медиумскиот простор на македонската држава, возбновена како Република Македонија,. Незамислива е и недозволива и самата помисла да се влегува во уште една нова овојпат „Санстефанска пештера“, со повторното менување на македонскиот устав!


Потпишувањето на монструозниот „Преспански договор“ на 17 јуни 2018 со масивно кршење на политичката волја на македонскиот народ и новото продавање „ефтина европска магла“ по прескапа цена!

На денешен ден на 17 јуни во 2018 година во селото Нивици, присилно преименувано како Псарадес, на брегот на Преспанското Езеро, на грчка страна, беше потпишан тој монструозен договор, со кој се создаде исто така монструозната парадржавна творба „северна“, толку омразена кај секој Македонец по род. Република Македонија беше избришана како држава на македонскиот народ по нејзиното седумдецениско опстојување во меѓународните односи. На 12 февруари во 2019 година стапи во сила „Преспанскиот договор“. Спротивно на политичката волја на македонскиот народ, изразена на референдумот, кој пропадна, „Преспанскиот договор“ го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Денес претседателката на Европската комисија Урсула Лаен, Марта Кос, потпретседателката на Комисијата и висока претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката Марта Кос пак се обидуваат да им продадат „ефтина европска магла“ на Македонците за прескапа цена, имено овојпат да се вметне и „бугарскиот државотворен народ“ во македонскиот устав, во замена за „влегување во европскиот рај“. Највисоките европски челници ветуваа дека ќе се влезе во ЕУ и кога вршеа огромни притисоци и кога со семожни напори лобираа во прилог на Грција за првиот „добрососедски договор“. Се смени уставот во 2018, бидна „Преспанскиот договор“ – се подметна таа дрска лага со „евроинтегрирањето“, кое не се случи тогаш.

Еве сега пак дрско се наметнува истата приказна. Кон крајот на годинашниов април  Марта Кос со невиден цинизам и лицемерие ќе се осмели да каже: „Северна Македонија е тажна приказна со оглед на тоа колку долго чека на процесот на преговори“?!  Огромен број врвни светски политички и евроинтеграциски експерти, геополитички аналитичари, аргументираат дека поправо „тажна приказна“ е токму самата Европска унија, на која и се случува се подлабок расцеп и внатрешни поделби, кои ја водат кон се поверојатен распад.  

„Преспанскиот договор“ е продолжение на Бугурешкиот договор“ од 1913 и претставува „Букурешки договор 2“!

Но да се вратиме на „Преспанскиот договор“ од 2018-та, кој е во најдиректна смисла продолжување на „Букурешкиот договор“ од 1913 година, со кој, исто така, во еден европски заговор како и во 2018 година, етнојазично интегралната територија на Македонија, пет века обединета во рамки на Турската империја, се распарчи и нејзини делови приграбија и окупираа Грција, Бугарија, Србија и Албанија. Грција одзеде и окупира 51 отсто од Македонија, сосе приморскиот дел, иако таа никогаш не поседувала ниеден и најмал дел од македонската територија пред 1913 година. Сите настојувања сега на Бугарија со „Бугарскиот добрососедски договор“ се всушност обид да го стави под владеење и ова преостанато парче на вардарскиот дел на територијата на Македонија, покрај Пиринска Македонија.

„Преспанскиот договор“ директно претставува негација, поништување на одлуката на 6. Конгрес на Комунистичката партија на Грција од јануари 1935 година, со која беа признати постоењето на македонската нација и еднаквоста на малцинствата во рамките на Грција. Со „Преспанскиот договор“ отпочна и „идентитетскиот инженеринг“ на создавањето на „новата“ „северномакедонска нација“ и на новиот „северномакедонски јазик“ – процеси што се засилуваат секојдневно во меѓународната комуникација. Тоа се процеси, на кои мора да им се стави крај.

Благодарејќи на својата геостратегиска важност и позиционираност  Грција конечно доби можност и успеа да ја елиминира Република Македонија како свој сосед и на нејзино место да ја „инсталира“ „Северна Македонија“ согласно со „Преспанскиот договор“, а севкупното античкомакедонско историско и културно наследство да го приграби како свое, иако нема никаква поврзаност со него.

Аргументира и светски признатиот експерт Јуџин Борза дека Грција  уште од антиката нема никаква врска со името Македонија

Со членот 7 од Преспанскиот договор Грција го „присвои“ поимот Македонија и придавката „македонски“, со нагласување дека „поимот Македонија и македонски во Грција го означува хеленскиот дел од историјата“, иако Грција и самата никогаш не постоела во антиката, туку е основана како држава Грција дури во 1830 година од европските сили. Научниот советник во Институтот за национална историја Билјана Ристовска – Јосифовска во својот научен труд „Македонскиот идентитет и историските проучувања“, потпирајќи се и на согледувањата на Блаже Ристовски, ќе аргументира: „Во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос (Ristovski 1999) се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, од кои подеднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата. Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја.“

„Преспанскиот договор“ е во најдиректна смисла „идентитетско обезличување“ на македонскиот народ, бидејќи со него е одземено исконското име „Македонија“, со кое се именуваат Македонците уште од антиката. Грците никогаш немале ништо заедничко со етнонимот „Македонија“, ниту себеси како етнос се нарекувале така. Светски признатиот научник – Јуџин Борза, како специјалист за античка Македонија и за соодносот меѓу Македонците и Грците, секогаш со факти аргументирал дека тие се различни како народи со свои различни етноними – имиња. Јасно е дека секој обид да се зборува за хеленската етничка припадност на античките Македонци се појавува како поддршка за хеленското тврдење за современа Македонија. … И Херодот и Тукидид ги опишуваат Македонците како странци, различен, посебен народ што живее надвор од границите на грчките градови-држави. … Грците и Македонците задржаа непоколеблива антипатија едни кон други.“ – вели Борза во повеќе свои научни студии, со факти аргументирани.

Сепак, наспроти сета непобитна и грамадна историска вистина, со „Преспанскиот договор“ било, наводно, „утврдено дека Македонија и македонско во во контекст на ‘северна’ отсликува територија, јазик, народ – различни од оние во Грција“, и покрај тоа што Македонците во Егејска Македонија и Македонците во Република Македонија се неделив дел на целокупното македонско национално тело. И покрај тоа што македонскиот јазик, што се говори во Република Македонија,  и македонските народни дијалекти во Егејска Македонија се единствена жива и неделива целина, на јазикот кој е столб на идентитетот на македонскиот народ.

Започнува ли веќе Томас Вајц да го отвора меѓународниот „прозорец на можности“ за укинување на Преспанскиот договор“?!

„Преспанскиот договор“ ги уништува иднината на македонската нација и нејзиниот идентитет, нејзиното севкупно духовно и културно-историско наследство и затоа мора тој да биде укинат во најбрзо реалполитички можно време, без оглед какви ќе бидат било чии меѓународни реакции. Изгледа дека ова време веќе е дојдено?! Предлог-извештајот за Македонија, подготвен од известителот за Македонија на Европскиот парламент Томас Вајц, за расправа на оваа европска институција на 24 јуни 2025 година (ако воопшто се случи?!) со предвиденото признавање „македонски идентитет и македонски јазик“ е прв и најдиректен показател и потврда на фактот дека веќе започнува, иако скромно, да се менува меѓународната клима во полза на Македонија и како, што би рекле дипломатите, „отворен прозорец“ да се започне со постапката за укинување на „Преспанскиот“ но и „Бугарскиот договор“. Но, мора да се има предвид, како што пишува весникот „Нова Македонија“, дека Грција и Бугарија веќе имаат започнато со здружени напори силна и на високи меѓународно-геополитички нивоа крената дипломатска офанзива да не помине воопшто извештајот на Вајц за Македонија на седницата на Европскиот парламент, оти тој со признавањето на македонскиот идентитет и јазик, всушност, значи директна и жестока негација на „Преспанскиот“ и „Бугарскиот“ договор. Допрва треба да се види исходот од оваа грчко-бугарска дипломатска офанзива против Вајц и Македонија.

Инаку, во меѓувреме основи за поништување на двата „добрососедски договорра“ има „милион и една“, а тие се наоѓаат во меѓународното право и фактот дека меѓународно се ништовни и безвредни какви било договори, кои го прекршуваат правото на идентитет и национално самоопределување на кој било народ, санкционирано со врховниот меѓународен принцип јус когенс. Меѓународно се ништовни и безвредни и Преспанскиот“ и „Бугарскиот“ договор. „Преспанскиот договор“, за кој говориме во оваа анализа поодделно, не можел и не смеел да предмет на меѓудржавните и меѓународни договарања, кои завлегле и го растуриле во темел идентитетскиот комплекс на македонскиот народ. Возобновувањето на идентитетскиот комплекс на македонскиот народ мора да започне најбргу, а напоредно со тоа и возобновувањето на Република Македонија и нејзино враќање во системот на меѓународните односи.

Значи, не треба да се имаат никакви илузии: ова ќе биде макотрпна и долга, огромна борба. Но, сепак, каква Македонија презеде ова македонско поколение, таква иста Македонија ќе мора да му предаде и на следното македонско поколение. „Преспанскиот дух“ и „северна“ мора да бидат избришани, за да се разгрнат новите перспективи на опстојот и развојот на Македонија и македонскиот народ, а во тие рамки на сите други македонски граѓани на оваа држава.

(Авторот изнесува во оваа анализа согледувања од сопствена и научно објективна анализа, кои немаат поврзаност со програмски заложби на ниедна партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)

* Личните ставови искажани во оваа и сите други колумни не се став на редакцијата expres.mk