Граѓаните на Македонија ќе возат по модерни патишта, но до тоа да дојде потребно е време, но и работа со полна пареа, вели експетртската фела. Станува збор за изградбата на четирите патни правци кои ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Според, градежниците, мора и домашните работници да бидат ангажирани на овие проекти, анализира МРТ1. Градежниците конечно очекуваат некакво придвижување на секторот, кој некогаш беше мотор на македонската економија.
Експертите додаваат дека долгогодишната замреност и намалените капацитети ги уништиле компаниите, па затоа сега се крстат во проектот.

За максимум четири години треба да бидат завршени автопатите што ги градат „Бехтел и Енка“, вели првиот човек на државните патишта. Според него, овој проект е еден од најважните во земјава.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски во вчерашното издание на „360 степени“ на МРТ1 кажа дека во наредните максумум четири години ќе бидат завршени автопатите од коридорите 8 и 10-д.
„Би можел да ви кажам сега во комуникација со „Бехтел и Енка“ и откако успеавме одредени процеси да ги откочиме, одредени неопходни работи да почнат да работат, веќе сме во предност. Прилеп – Битола некаде би требало да биде две до две и пол години, да речеме за три максимум да биде завршен. Слична е ситуацијата со Тетово – Гостивар, а Гостивар – Букојчани можеби една година плус. Така што, тоа ќе бидат роковите“, изјави Трајановски.

Дополнително, тој вели дека претходната влада бавно го работела процесот на експропријација и дека тој како нов директор за два месеца истуркал повеќе постапки отколку неговиот претходник.
- „Ние наследивме состојба во којашто за една година, за сите делници, биле експроприрани 1 117 катастарски парцели. Откако сум јас дојден, ние имаме направено за два месеца 2 400 и нешто парцели односно 2 500“, рече Трајановски.
Според проектот, делницата Тетово – Гостивар изнесува над 17 км, Гостивар – Букојчани 30,3 км, Требеништа – Струга – Ќафасан се 22 км автопат, а Прилеп – Битола 40 км.
И стопанството со душа чека да се изградат четирите делници за кои е задолжен американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Тоа ќе им овозможи побрз превоз на работници и производи, пониски трошоци, поголема конкурентност и привлекување странски инвеститори. Станува збор за делниците Прилеп – Битола, од Требеништа до Ќафасан, од Гостивар до Букојчани и од Тетово до Гостивар се од големо значење за фирмите. Четирите делници ќе чинат 1,3 милијарди евра, а треба да бидат готови за нешто повеќе од 4 и пол години.

Министерот Александар Николоски работи на крупни проекти во областа на транспортот додека тој е на челната позиција во ова министерство. Само во текот на претходната недела беа промовирани два значајни проекти: автопатска делница од Гостивар до Букојчани и Кичево со кој ќе се забрза патот до Охрид, а вториот е патниот правец од Прилеп до Битола кој е дел од коридорот 10д.
По завршување на изградбата, од Скопје до Охрид ќе се стига за помалку од два часа. Од конзорциумот „Бехтел и Енка“ велат дека дури 90% од подизведувачите се македонски компании.





