Многу скоро, односно веќе од следната недела, на почетокот од декември ќе се знае кои производи ќе влезат во новогодишната потрошувачка кошничка, што ја подготвува Министерството за економија, најавува Заменик-министерот Марјан Ристески. Тој се надева дека кошницата ќе има повеќе од 500 производи што ќе бидат опфатени со намалување на цените, а некои ќе бидат различни од есенската потрошувачка кошничка.

Цените на производите што ќе влезат во новогодишната кошница нема да може да се менуваат, односно нема да смее да има една цена на рафт, а друга на каса. За да нема ујдурми, тие цени ќе се објават на посебна платформа на Министерството за економија.
Во однос на периодот до кога граѓаните ќе може да пазарат поевтино за 10 отсто, тој е договорен на еден месец, односно според Законот за заштита на потрошувачите, толку може да трае акциската продажба. Според истиот закон, доколку мерката трае, тоа ќе се смета за промотивна понуда и таа смее да биде само осум дена.

Есенската кошничка која опфаќаше стотина производи беше со органичувачка маржа од 10%, но дел од еконмски аналитичари, а и граѓаните оценуваа дека не ги дала очекувани ефекти. Од Владата велат дека биле направени детални анализи во кои се разгледувале пропустите од есенската кошничка, но сепак смета дека била позитивна.
Во подготовката на новогодишната кошничка биле вклучени стопанските комори, синдикатите и Асоцијацијата за заштита на потрошувачите, а деталите се очекува да бидат јавно соопштени од следната недела.
Според дел од трговците, јасно е дека во кошницата ќе влезат одредени видови свинско месо, стограмски млечни чоколади, некои сувомесни и млечни производи, како и газираните сокови. Нема збор за намалување на прасечкото и јагнешкото месо, кои се сметаат за луксуз и граѓаните сами ќе решат дали ќе ги имаат на празничните трпези.





