За нецел месец, помеѓу 15 и 29 јули 2024 година, РЕК Битола склучила 51 договор со Електрани на Македонија вредни околу 15 милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки, објави МКД.мк. Најмногу договори во еден ден и тоа 24 биле склучени на 17 јули годинава, а најмалку, по еден, на 20, 23 и 25 јули. За највредниот договор РЕК Битола ќе плати 3,385,923 евра, а најевтиниот ќе ја чини битолската електрана 398 евра. Најголем дел од нив се за плаќање на работна рака потребна за ремонти. И додека РЕК Битола ги „штанцала“ договорите, премиерот Христијан Мицкоски најави дека лично е вклучен во изборот на нови раководства и во ЕСМ и во РЕК Битола.

Најголем број од тендерите, 39 се за плаќање на ремонт на трите блока на РЕК Битола. За оваа услуга ќе се потрошат речи си сите пари од околу 15 милиони евра за да се платат специјализирани работници кои ќе го вршат ремонтот.
Пет тендери добила скопската фирма „ЕЛ-ТЕ“, три тендери добиле компаниите „ЈУ-СМ, „Монтинг“ и „Шкорпион“, по два „ПОМ АКВА“, „Ватростална“ и РЖ „Техничка контрола“ и по еден тендер добиле фирмите „СПЕКТАРТЕРМО“, „МАК ПРОМ“ и „АС-КО“.

Марковски компани редовно е најголем добитник од тендерите
Редовниот партнер на РЕК Битола, „Марковски компани“ овој пат добила шест тендери и ќе се офајди најмногу, безмалку шест милиони евра. Со пет добиени тендери фирмата „ЕЛ-ТЕ“ ќе добие 2,371,209 евра, а фирмата „СПЕКТАРТЕРМО“ која добила само еден тендер, ќе заработи 1,600,000 евра. За повеќе од милион евра ќе биде побогата и фирмата „МОНТИНГ“ која со три добиени тендери ќе инкасира малку повеќе од 1,500,000 евра. По овие, следат фирмите „ЈУ-СМ“ 945,248 евра и три добиени тендери, „Ватростална“, „ПОМ АКВА“ и РЖ „Техничка контрола“ , со 753,795, 768,263 и 507,914 евра добивка и со по два добиени тендери. Веднаш зад нив е фирмата „ШКОРПИОН“ со три склучени договори вредни 450,230 евра. Иако фирмата „Шики“ добила најмногу, седум тендери таа за своите услуги ќе наплати близу 300,000 евра. Зад неа се само „АС-КО“ со 88,877 и „МАПРОМ-АКЗ“ со 53,734 евра добивка со по еден склучен договор за ангажирање на специјазлизирана работна рака за ремонт на трите блока на РЕК Битола.
Иако РЕК Битола има свои стручњаци за ремонт на трите блока на електраната, ангажирањето на надворешни работна сила го правдаат со тоа што, како што велат во одговорите испратени до МКД.мк, вработените во електраната се доволни само за тековно одржување на постројките.
- „РЕК Битола има специјализирана работна рака која е во обем доволен за тековно одржување на постројките. Ремонтните активности се работат со голем интензитет и силна динамика, во релативно краток временски период, заради што откако постои РЕК Битола, од 1982 година, се склучуваат договори за ангажирање на специјализирана работна рака исклучиво за реализација на ремонтите во текот на летото и почетокот на есента“, тврдат од Комбинатот.
Оттаму велат дека склучувањето на 39 договори за ремонтни активности во рок од нецел месец и тоа токму во јули, а по најавата на премиерот Христијан Мицкоски за смена на раководството, е затоа што претходните договори со ангажираните фирми истекле во јуни месец годинава.

- „РЕК Битола секоја година објавува десетици повици за јавна набавка на услуги за специјализирана работна рака, потребна за ремонтните активности кои се одвиваат во летниот период. Конкретната јавна набавка за услуга за специјализирана работна рака е предвидена во Годишниот план за јавни набавки на АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола уште во декември минатата година. Во јуни годинава истече рокот или беа исцрпени договорите за ангажирање на специјализирана работна рака кои беа склучени минатата година и заради тоа јавната набавка беше реализирана во јули“, велат од РЕК Битола.
Од Комбинатот појаснуваат дека ремонтните активности се изведуваат секоја година и варираат во текот на летото, во зависност од потребите и можностите на производствениот процес во комбинатот. Дали ова значи дека ремонтот на електраната годинава ќе се врши смо во август со оглед на времето кога се склучени договорите за ремонтни активности, од РЕК Битола велат дека ремонтите се веќе започнати и ќе траат сѐ до крајот на годината. Повеќе на МКД.мк.





