Само 18 отсто од Грците имаат позитивно мислење за Македонија

Mногу Грци имаат негативно мислење за Македонија и не сакаат таа да биде дел од Европската Унија(ЕУ).

Последната анкета на грчката фондација „Елиамеп“ покажа дека за дури 38 проценти од Грците сметаат дека Договорот од Преспа е штетен, јави дописничката на МИА од Атина. Останатите 28,5 отсто сметаат дека Договорот е „донекаде корисен“ (19 проценти) и „многу корисен“ (9,5 отсто).

Четворица од десет Грци (43 отсто) имаат неутрално мислење за Македонија, 37,5 негативно, а само 18 отсто позитивно. Поделено е мислењето за поддршката на ЕУ перспективата. Истражувањето, спроведено во втората половина на април е на тема грчкото јавно мислење за односите меѓу Грција и Албанија, меѓутоа вклучени се и прашања што се однесуваат и на другите земји од регионот, меѓу кои и Македонија. 



Позитивното мислење, највисоко е за Србија, 60 отсто, а негативниот став, најголем е за Турција, 65 проценти. За нашата земја, како и за Албанија, преовладува неутралното мислење.

Доколку се направи споредба со претходното истражување пред пет години за истото прашањето и конкретно за Македонија, резултатите тогаш биле за нијанса полоши со оглед на тоа што негативно мислење имале 40,5 отсто (сега се 37,5 проценти), неутралниот став бил исто така 40,5 отсто (сега 43 проценти), а позитивното мислење се зголемило за еден процент од 17 отсто во 2019 година на 18 проценти сега.

Во однос на европската перспектива на регионот, најголема е поддршката за Србија, најмала за Турција. На прашањето „Дали вие лично би ја поддржале кандидатурата на следните земји да станат членки на Европската Унија …“, за Македонија, 52,5 отсто одговориле „не“, 45 проценти дале позитивен одговор, а останатите 2,5 отсто одбиле да одговорат.

Истражувањето на Фондацијата за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП-Програмата за Југоисточна Европа, во соработка со Фондацијата Конрад-Аденауер – Канцеларијата за Грција и Кипар и Единицата за истражување на јавното мислење и пазарот на Истражувачкиот институт на Универзитетот во Македонија во Солун, e направено од 15 до 21 април 2024 година со анкетирани 1.165 луѓе по случаен избор.