Австриската полиција уапси две лица осомничени за планирање напади за време на концерт на мегаѕвездата Тејлор Свифт што требаше да се одржат во Виена – по што трите коцерти биле откажани
Двајцата уапсени се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот имаат корени од Македонија, а мајката на 17-годишната е Австријка – изјави Генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф.
Апсењата на двајцата, според Руф „ја минимизираа заканата за оваа мала група“, а откажувањето на концертите на Тејлор Свифт беше „одлука и одговорност на организаторите“.
Руф потврдува дека имале дојава од странски служби, по што била спроведена истрага во комбинација со сознанијата на австриската разузнавачка служба.
При вчерашниот претрес на куќа запленети биле повеќе хемиски супстанци и технички средства. Тие сега ќе се оценуваат.
Според Руф, пред само неколку недели, осомничениот дал заклетва за лојалност кон актуелниот водач на терористичката Исламска држава на Интернет.
„Основниот мотив на осомничениот за тероризам, чија цел бил еден од концертите на мегаѕвездата Телјор Свифт во Виена, било убивање на што е можно повеќе луѓе“, објави денеска австрискиот весник „Кронен цајтунг“.
Очигледно 19-годишникот сакал да направи експлозив и за таа цел земал хемикалии од своето работно место, наведува весникот, додавајќи дека 19-годишникот бил со потекло од Македонија.






