САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен хуманитарен прекин на огнот, да се зголеми пристапот до помошта и што го отфрла принудното раселување на Палестинците.



Вашингтон рече дека резолуцијата предложена од Алжир ќе ги „загрози“ разговорите за ставање крај на војната. Но, потегот беше осуден, а сојузниците на САД изразија жалење што првичниот предлог за прекин на огнот беше блокиран од Белата куќа.

Во сопствената резолуција САД го предупредија Израел да не го напаѓа градот Рафах, јави Би-Би-Си.

„Барањето итен, безусловен прекин на огнот без договор со кој се бара Хамас да ги ослободи заложниците нема да донесе траен мир“, рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд за резолуцијата подготвена од Алжир.

Алжирската резолуција имаше силна поддршка на Советот – 13 членови гласаа за него, Велика Британија беше воздржана, а САД го ставија своето вето.

Тоа е трет пат Вашингтон да го користи своето вето во Советот за да ја блокира мерката за прекин на огнот.

Претставникот на Израел ја нарече идејата за прекин на огнот „апсурдна“, а не магично решение.